ВОЗЕЛ ПИЈАН И БЕЗ ДОЗВОЛА, СУДОТ НЕ ПОПУШТИ Врховeн ја потврди казната од 13 години на Васил за смртта на Фросина

Врховниот суд го одби барањето за вонредно преиспитување на пресудата, со што казната од 13 години затвор за смртта на младата Фросина Кулакова останува во сила.

670

Врховниот суд го одби барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда со која Васил Јованов е осуден на 13 години затвор за смртта на младата Фросина Кулакова.

Одлуката била донесена по седница на судскиот совет одржана на 11 март годинава, со што казната останува во сила.






– Врховниот суд на Република Северна Македонија ја информира јавноста дека, постапувајќи по кривичниот предмет КВП2-22/26, по одржана седница на советот на 11.03.2026 година, донесе пресуда со која се одбива како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот В.Ј. од С., преку неговиот бранител, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К-780/25 од 13.05.2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-696/25 од 27.10.2025 година, со која е огласен виновен за кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 в.в. член 297 став 1 од Кривичниот законик и осуден на казна затвор во траење од 13 –тринаесет години – велат од судот.

Јованов беше осуден за тешко кривично дело против безбедноста во сообраќајот, откако минатата година со автомобил удри во Кулакова на пешачки премин во Скопје. Според утврденото, тој возел со брзина од околу 91 километар на час, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, минувајќи на црвено светло. Девојката починала на лице место.

Претходно, Апелација ја зголеми казната на 13 години затвор, откако првостепено беше осуден на 12 години. Со најновата одлука на Врховниот суд, судската постапка е целосно завршена.

Поврзани содржини