ПРОДОЛЖУВА КАВГАТА ЗА „ВОЕНИОТ СОЈУЗ“ НА БАЛКАНОТ Хрватска да внимава што прави, вели Вучиќ

Вербалната пресметка меѓу Белград и Загреб продолжува по обвинувањата за наводен воен сојуз меѓу Хрватска, Албанија и Косово. Спорот дополнително се разгоре и поради тврдењата за новото српско вооружување со кинески ракети.

597

Острата кавга меѓу Белград и Загреб продолжува. Откако минатата недела српскиот претседател влезе во костец со хрватскиот премиер, овојпат Александар Вучиќ му возврати на хрватскиот претседател велејќи дека „Хрватска треба да пази што прави“.

Претходно, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ги нарече „глупави“ тврдењата на Вучиќ дека Хрватска, Албанија и Косово се подготвуваат за можни активности против Србија.






– Како да нападнеме? Со што? Немаме војска за тоа. Можете да ми верувате, на крајот јас одлучувам за тоа – рече Милановиќ нагласувајќи дека нема воен сојуз меѓу Хрватска, Албанија и Косово.

Реториката се разгори откако во февруари албанскиот министер за одбрана објави дека трите земји ќе одржат заеднички воени вежби врз основа на меморандум за соработка.

„Нема да ми диктираат што ќе кажам“

Вучиќ ја коментираше изјавата на Милановиќ дека „Вучиќ треба да внимава што зборува“.

– Јас сум Александар Вучиќ и сум горд претседател на Србија. Хрватскиот претседател или кој било друг нема да ми диктира што ќе кажам – изјави тој.

Вучиќ додаде дека Србија сака мир и подобри односи со соседите, но дека нема да дозволи други држави да се мешаат во нејзините одлуки.

Бурата околу кинеските ракети

Спорот минатата недела се разгоре и по изјавата на Вучиќ дека Србија набавила кинески балистички ракети CM-400 за кои добила, како што вели, мал опоуст. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека таквото оружје претставува прашање за НАТО.

– Такво оружје никогаш не е видено на европска територија – изјави Пленковиќ и додаде дека го известил генсекот на НАТО за ситуацијата.

Вучиќ изјави дека Загреба нема да одлучува што Србија смее да поседува во арсеналот.

Вучиќ потврди купување ракети

Засега нема официјална независна потврда дека ракетите CM-400 се оперативен дел од српскиот арсенал. Фотографии од српски авиони со тие ракети се појавија на воени форуми.

– Имаме значителен број ракети и ќе имаме уште повеќе – рече Вучиќ за Радио-телевизија Србија велејќи дека ракетите се интегрирани во српските воени авиони МиГ-29.

ТРИ БАЛКАНСКИ АРМИИ ЌЕ ВЕЖБААТ, БЕЛГРАД РЕАГИРА Албанија, Косово и Хрватска состанчеле во Скадар

 

Поврзани содржини