НАТО И ТУРЦИЈА ПОТВРДИЈА ДЕКА СОБОРИЛЕ ИРАНСКА РАКЕТА Над базата Инџирлик пиштеа сирени, ова е трет ваков инцидент
Турција разговара со Иран, за да се разјаснат сите околности на инцидентот, соопшти турското министерство за одбрана.
НАТО потврди дека ноќеска е пресретната балистичка ракета испукана од Иран кон Турција, што е трето такво пресретнување откако почна американско-изрелската војна против Иран на 28 февруари.
– НАТО останува буден и цврсто стои со сите свои сојузници во нивната одбрана – изјави портпаролката на Алијансата, Алисон Харт.
И турското министерство за одбрана претходно објави дека балистичка ракета лансирана од Иран, која влегла во турскиот воздушен простор, била неутрализирана од воздушните и ракетните одбранбени системи на НАТО, распоредени во источниот Медитеран.
Во соопштението се наведува дека Турција ги презема сите потребни мерки против каква било закана насочена кон нејзината територија и воздушен простор. Се додава дека се во тек консултации со Иран за да се разјаснат сите околности на инцидентот.
Турските власти велат дека внимателно ги следат случувањата во регионот и дека националната безбедност е нивен врвен приоритет.
Рано утрово се огласија сирени во турската воздухопловна база Инџирлик, која важен објект на НАТО каде што се распоредени американски војници и во која се чуваат нуклеарни бомби.
Жителите на Адана, која се наоѓа на околу 10 километри од базата, биле разбудени околу 3:25 часот од сирени, по што виделе светлечки објект како лета над градот.