СОМНИТЕЛНА СМРТ ВО КУМАНОВСКО Сестрата пријави сомнеж дека брат ѝ бил отруен

Семејството на 60-годишен маж од кумановското село Довезенце пријавило сомнеж дека неговата смрт не била природна.

691

Шеесетгодишен жител на кумановското село Довезенце бил пронајден мртов во својот дом на последниот ден од минатата година, а неговото семејство сега се сомнева дека смртта можеби не била природна.

Како што информираа од Министерство за внатрешни работи на 5 март во СВР Куманово 50-годишната Д.Е. од селото Довезенце пријавила сомнеж во врска со смртта на нејзиниот брат М.П. (60).






Според нејзината пријава, на 31 декември 2025 година околу 22 часот една од нејзините сестри ја известила дека нивниот брат починал во куќата во која живеел во селото Довезенце. Во домот живеел со својот татко и со партнерката А.Р. од селото Младо Нагоричане, во општина Старо Нагоричане.

По информацијата, таа заедно со уште една сестра и зет заминале во куќата, каде што го затекнале М.П. починат на кревет.

Како што е наведено во пријавата, истиот ден околу 20:30 часот од телефонот на починатиот била повикана Итна медицинска помош, чии екипи констатирале смрт. Во болница била однесена неговата партнерка А.Р., на која ѝ се слошило.

Сепак, според пријавеното, од Итната медицинска помош не било пријавено починато лице во полиција, а потврдата за смрт не била издадена истиот ден кога била констатирана смртта, туку дури наредниот ден, на 1 јануари 2026 година, по инсистирање на сестрата.

Д.Е. во пријавата навела дека се сомнева оти нејзиниот брат не починал од природна смрт, туку дека можеби бил отруен.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Поврзани содржини