МАКЕДОНЦИТЕ СЕ ИЗВЛЕКУВААТ ОД КРИЗНИОТ РЕГИОН Првата група евакуирани од Израел вечерва пристигнува во Скопје
Владата најавува дека во следните денови ќе продолжи евакуацијата на македонски државјани од повеќе земји на Блискиот Исток.
Македонските државјани кои беа евакуирани од Израел поради воениот конфликт на Блискиот Исток вечерва се очекува да пристигнат во Скопје. Според информациите од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, авионот со патниците, кои се враќаат преку Египет, треба да слета на Меѓународниот аеродром Скопје околу 20 часот.
На аеродромот евакуираните граѓани ќе ги пречека заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски.
Од ресорното министерство информираат дека процесот на враќање на македонските државјани од регионот продолжува и во наредните денови. Според нивните податоци, досега 505 македонски граѓани се обратиле за помош до Амбасадата на земјава во Абу Даби, 31 лице во Кувајт, 14 во Бахреин и 141 лице во Доха.
Од Министерството посочуваат дека се подготвува и следната фаза од евакуацијата.
„Во следните денови се очекува да започне реализацијата на враќањето на македонските државјани од Обединетите Арапски Емирати, како и на граѓаните кои се наоѓаат во Катар, Бахреин и Кувајт, за кои е предвидено враќање со организирани летови преку Кралството Саудиска Арабија. Процесот на евакуација се реализира согласно веќе разработен план, во согласност со безбедносните услови и во координација со надлежните институции“, информираат од Министерството.
Оттаму апелираат до сите македонски државјани кои се наоѓаат во погодените подрачја, а сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, да го направат тоа во најкраток можен рок.
Граѓаните кои имаат потреба од помош можат да се јават на дежурните телефонски броеви во дипломатско-конзуларните претставништва или преку СОС-бројот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.