САД ДОСЕГА ИЗГУБИЛЕ ВОЕНА ОПРЕМА ВО ВРЕДНОСТ ОД 2 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ Уништен е радарот стациониран во Катар вреден 1,1 милијада долари

Три борбени авиони F-15E на 1 март се уништени во оган од кувајтската противвоздушна одбрана, чија вредност е 282 милиони долари.

546

САД изгубија воена опрема во вредност од речиси две милијарди долари во нападите врз Иран на 28 февруари, покажаа денеска проценките на Анадолија врз основа на достапните податоци, додека цел на напади беа радарски системи, авиони и бази низ Блискиот Исток, како и некои американски дипломатски претставништва.

Најголемата поединечна загуба е системот за рано предупредување AN/FPS-132 во воздухопловната база Ал Удеид во Катар, вреден околу 1,1 милијарда долари, кој беше погоден од иранска ракета, а катарските власти потврдија дека радарот е оштетен.






Три борбени авиони F-15E на 1 март се уништени во оган од кувајтската противвоздушна одбрана. Сите шест члена на екипажот преживеаја, но се проценува дека замената на авионите ќе чини околу 282 милиони долари. Иран на 28 февруари го погоди седиштето на Петтата флота на американската морнарица во Манама, Бахреин, уништувајќи два терминали за сателитска комуникација AN/GSC-52B, чија вредност, вклучувајќи ги и трошоците за инсталација, се проценува на околу 20 милиони долари, како и неколку објекти.

Техеран, исто така, тврди дека ја уништил радарската компонента AN/TPY-2 на антибалистичкиот одбранбен систем THAAD распореден во индустриската зона Ал Рувеис во Обединетите Арапски Емирати. Сателитските снимки укажуваат на удар, а вредноста на тој радарски систем се проценува на околу 500 милиони долари. Според тие проценки, вкупната штета на американските воени средства во регионот изнесува околу 1,9 милијарди долари.

Од почетокот на нападот, според достапни податоци, Иран гаѓал најмалку седум американски воени локации на Блискиот Исток, вклучувајќи го седиштето на Петтата флота во Бахреин, Камп Арифјан, воздухопловната база Али ел Салем и Камп Беринг во Кувајт, базата Ербил во Ирак, пристаништето Џебел Али во Обединетите Арапски Емирати и базата Ал Удеид во Катар.

САД и Израел го нападнаа Иран наутро на 28 февруари по неуспехот на повеќе рунди преговори за нуклеарната програма на Иран. Потоа Иран почна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.

Поврзани содржини