КОГА ЗБОРУВАТЕ ЗА ТЕНДЕРИ ПОГЛЕДНЕТЕ СЕ ВО ОГЛЕДАЛО! Наврeдите нема да ви ја сменат реалноста, му порача ЗНАМ на СДСМ

Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“ се јазик на политичка немоќ. Тоа е истиот тој наратив што ве оддалечи од граѓаните, од работниците и од реалноста – пишува ЗНАМ во соопштение.

191

СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции. Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, се вели во соопштение на Движењето ЗНАМ на претходно соопштение на СДСМ.

„Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика.






Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.

Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.

Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции.

Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“ се јазик на политичка немоќ.

Тоа е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците и од реалноста. Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.

И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки.

Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина. Колку и да манипулираат, колку и да навредуваат, вистината не можат да ја сокријат. Граѓаните одамна ја препознаа разликата“ – се вели во соопштението на ЗНАМ.

Претходно СДСМ во сооштение го обвини Димитриевски дека бил платеник на ВМРО-ДПМНЕ кој за свои лични и бизнис интереси сакал да го уништи СДСМ одвнатре.

„Очигледно сега, кога граѓаните знаат дека бил кукавичко јајце и дека ЗНАМ како партија повеќе нема никаква поддршка од граѓаните, бара да си ги наплати своите „заслуги“ за ВМРО-ДПМНЕ. Или не му дале некој нов тендер па мора малку да плаче по телевизија за да го добие?“ – напиша СДСМ.

Поврзани содржини