РАСТЕ БРОЈОТ НА МАКЕДОНЦИ ЗАТЕЧЕНИ ВО ЗАГРОЗЕНИТЕ ПОДРАЧЈА Министерството презема мерки за нивна безбедна евакуација
Се зголемува бројот на македонски граѓани во загрозени подрачја на Блискиот Исток. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија обезбедува 24-часовна поддршка и подготовка за евакуација.
Се зголемува бројот на македонски државјани кои пријавуваат дека се затечени во загрозените подрачја на Блискиот Исток. Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРНТ) информира дека со сите тие лица се одржува постојан контакт, а се преземаат и подготвителни активности за евентуална асистенција и нивна безбедна евакуација.
Од Министерството апелираат до сите македонски граѓани кои се наоѓаат во регионот доследно да ги почитуваат упатствата и насоките на локалните надлежни безбедносни органи.
– Преку дежурниот телефонски број и дипломатско-конзуларните претставништва, МНРНТ и понатаму останува целосно на располагање на граѓаните – истакнуваат од Министерството.
Поради ескалацијата на ситуацијата на Блискиот Исток, вчера во Министерството беше формиран кризен штаб кој е на 24-часовно располагање за сите информации и помош на граѓаните.
За дополнителни информации и асистенција, граѓаните можат да контактираат:
СОС дежурен телефон (МНРНТ): 075/273-732
Амбасада на Република Северна Македонија во Доха: +974 50 173 111
Амбасада на Република Северна Македонија во Абу Даби: +971 56 441 7532
Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Министерството повторно нагласува дека безбедноста на македонските граѓани во регионот е приоритет и дека сите мерки за нивна заштита се во тек.