📽️ ГРАДОТ КУЛИЈАКАН СТАНУВА ВОЕНА ЗОНА ВО МЕКСИКО „Нема мир додека не остане само една фракција“

Картелот на еден од најголемите наркобосови во Јужна Америка кој беше убиен се распаѓа. Мексиканскиот град Кулијакан живее во постојан страв додека фракциите на картелот брутално се пресметуваат. Осакатени тела се појавуваат на улиците и пред трговските центри.

275

Мексиканскиот град Кулијакан  личи на град под опсада. Додека војници патролираат по улиците преостанатите фракции од картелот Халиско Нова Генерација се свртеа една против друга. Немирите низ Мексико доаѓаат по апсењето на наркобосот „Ел Менчо“ во Халиско.

Немесио Осегера Сервантес, еден од најголемите наркобосови на континентот, починал во притвор по крвава престрелка во Халиско. Неговото апсење со посредство на американското разузнавање направи нови турбуленции на северот на Мексико.






Една фракција на картелот дала циничен предлог. Владата да се тргне и тие да се пресметаат сами, пишува Би-Би-Си во репортажа.

– Да, страдаат невини. Деца умираат – признал „Марко“, со маска на лицето.

– Ќе умрат уште многу луѓе. Ништо нема да се смири додека не остане само една фракција – додал „Мигел“.

Кулијакан е богат град. Луксузни салони. Трговски центри. Но, осакатени тела со пораки до ривалските фракции од картелот Халиско се појавуваат пред вратите.

Едно тело било фрлено пред трговски центар. Черепот бил одран. Очите извадени. Порака до спротивната страна завршувала со закана дека доаѓа одмазда.

– Стравот е насекаде и е постојан – вели 53-годишниот болничар Хектор Торес од  совозачкото седиште на амбулантно возило.

 

Во гаража во центарот лежел мртов сопственикот. Крвта се разлеала по белите плочки. Сопругата втрчала во солзи. Помош немало. Хектор ги проверил виталните знаци и го покрил телото.

Минатата година, бројот на интервенции во брзата помош се зголемил за 70%. Речиси секој повик завршувал со тело на тротоар, во зграда или покрај пат.

 

Во Синалоа, вакуумот во власта ја отворил вратата за нова војна. Исмаел „Ел Мајо“ Замбада завршил во американски затвор. Картелот Синалоа останал без историски водач. Фракциите се свртеле една против друга.

Училишта, болници и погреби станале мета. Насилството траело 18 месеци. Хектор тврдел дека никогаш не било толку долго и толку брутално.

Рејналда Пулидо го бара својот син од 2020 година. Таа ја предводи групата „Мајки кои возвраќаат удар“. Со лопати и со метални прачки пребаруваат полиња.

– Ме зајакнува сознанието дека никој друг нема да ги бара. Мајката секогаш ќе го бара своето дете, дури и ако мора да оди до крајот на светот.

Таа пронашла 250 тела. И 30 преживеани лица. Во секој од нив гледала дел од својот син.

Мексиканскaта претседателка Клаудија Шајнбаум ја пофали операцијата на специјалните сили за апсењето на Ел Менчо. Операцијата беше спроведена со посредство на американското разузнавање.

Ел Менчо тргуваше со фентанил во Јужна Америка и во речиси 50 републики во Соединетите Американски Држави.  Мексиканската влада, пак, тврди дека го намалила снабдувањето со фентанил кон САД за 50%.

Претседателката Шајнбаум вината ја гледа во внатрешната борба во картелот. Таа нагласува дека владата се обидува да ги заштити граѓаните.

Во подрум во Синалоа, производител на фентанил покажал пакети вредни 20.000 долари по килограм. Во Њујорк достигнувале 29.000 долари.

– Додека има купувачи, ќе има и бизнис – рекол тој.

Поврзани содржини