ИНСПЕКТОР ПРИЈАВЕН ЗА ПОПРЕЧУВАЊЕ НА ПРАВДАТА Oвозможил осомничениот да манипулира со докази и да ги уништи
Акцијата ја спроведе Одделот за внатрешна контрола при МВР, а случајот е пред Специјализираното јавно обвинителство за гонење на кривични дела од полицајци.
Во Кочани, полициски инспектор е обвинет за попречување на правдата, откако, како што се тврди, го оневозможил правилното прибирање на докази во случај за измама.
Според пријавата, Б.Б., кој работи како помлад инспектор за малолетничка деликвенција и семејно насилство при СВР Штип, намерно го одложил извршувањето на наредба на јавен обвинител за прибирање докази. При лишувањето од слобода на осомниченото лице и неговото спроведување во полициска станица, тој не му го одзел мобилниот телефон, што на осомничениот му овозможило да го користи и подоцна да го изнесе, со што доказот станал неприфатлив.
Одделот за внатрешна контрола најави дека ќе поднесе предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност на инспекторот.