ГИТАРИСТОТ ТОНЕВ НЕ ЗНАЕ КОЈ ЈА ДОНЕЛ И КОЈ ЈА АКТИВИРАЛ ПИРОТЕХНИКАТА ВО „ПУЛС“ Добил повеќе изгореници по телото и сѐ уште не може да свири
Не знам кој ја поставувал пиротехниката и не сум видел дали некој од бендот ја активирал. Не знам кој ја активирал и со сигурност знам дека не е активирана со запалка, рече сведокот Тонев.
Музичарот Горан Тонев, преживеан член на групата ДНК, не знае кој ја донел ниту кој ја поставил и активирал пиротехниката во дискотеката „Пулс“ по што настанал катастрофалниот пожар во кој изгореа 63 лица, а 193 беа повредени.
Гитаристот од Штип, настапувал со ДНК во период од година и 3 месеци, во договор со клавијатуристот на бендот ДНК, Филип Стефановски. Тонев бил надворешен член на бендот.
Тој рече дека Стефановски ги организирал музичарите, каде да бидат, кога да пристигнат и ги известувал за настапите, но не му е познато кој ги договарал настапите на бендот.
– Таа вечер со тапанарот Ѓоко Георгиев пристигнавме со неговото возило околу 22 часот. Веднаш почнавме да ја внесуваме нашата опрема, нашите лични инструменти и се местевме на бината каде настапувавме. По некое време пристигнаа и Андреј, вокалот на групата, Сара и Ана и дел од останатите и направивме тонска проба. После пробата, јас и Ѓоко излеговме и се упативме кон хотелот „Сити ин“, околу 23.30 часот. Се вративме после 1 часот. Имаше храна во една просторија во „Пулс“, јадевме пици и после ни почна настапот. Кога се вративме јас и Ѓоко, таму беа и Панчо и Мартин Атанасовски Буцо – рече Тонев.
Тој рече дека не забележал поставување на пиротехника на бината.
– Кога се качивме на бината за да настапуваме, тие веќе беа наместени – рече тој и додаде дека и претходно се користела пиротехника на настапите на ДНК, но дека не знае кој ја поставувал.
– Секогаш прво правевеме тонска проба, па бендот се повлекуваше, а кога се враќавме на настанот тие веќе беа наместени. Не знам кој ги поставувал – рече тој.
Пиротехниката наликувала на чаши
За време на тонската проба во локалот бил персоналот и неколку лица кои поставувале дел од опремата, како миксета, звучници и слична опрема, а кои не се дел од бендот.
– Никој не нѐ пречека, беше отворено кога стигнавме и влеговме. Не знам членовите од бендот со кого се сретнале во дискотеката во врска со настапот – рече тој.
Кога јаделе пица, во просторијата биле Панчо и Мартин Атанасовски, а за други пристуни не се сеќава.
Обвинителот го праша како изгледала пиротехниката.
– Како некои чаши. Не знам колку беа и тоа не ме интересраше. Секогаш кога настапувавме јас стоев поназад. Не видов точно колку пиротехнички средства имаше – рече тој.
Обвинителот Борче Јанев го праша колкава висина имало од бината до таванот, на што адвокатката Ивана Коцевска приговараше.
– Бината беше висока околу 1 метар од подот – рече тој.
Според него, прскалките се активирале околу 2.30 часот.
– Потоа Владимир Блажев Панчо рече на микрофонот сите да излеземе надвор. Тоа го рече затоа што плафонот почнал да гори. Од местото каде што стоев јас, тоа не се гледаше јасно. Кога рече Панчо, тогаш го видов пламенот. Го оставив својот инструмент на бината и се упатив кон единствениот излез – рече тој.
На бината се качиле некои лица и се обидувале да го изгаснат пожарот со ПП апарат.
– Во дискотеката имаше премногу луѓе, така што, веднаш се заглавив во стампедо, кое траеше долго време. Долго време не успевав да излезам оттаму. Во тие моменти мислев дека го губам мојот живот. Излегов преку единствената врата – рече тој.
Пожарот настанал над бината
На прашање дали има повреди, рече дека има изгореници на дишните патишта, на десното уво, вратот, лицето, десната рака и на грбот. Поради повредите рече дека сѐ уште не може да свири.
– Се лекував во Солун, во болницата „Папаниколау“ – рече тој.
Од Тонев беше побарано да го опише пожарот, а тој рече дека пожарот настанал над бината.
– Јас се симнав од бината. Се ширеше екстремно брзо. Капеше одозгора и беше екстремно топло. Имаше многу густ чад, не можев да дишам и тоа траеше многу долго. Од таваните капеше материјал од стопените сунѓери Кога погледнав нагоре, огнот беше над мојата глава и капеа црни капки, од кои имам изгореници, но повеќе имав од топлината – рече тој.
За сунѓерот рече дека изгледал исто како во музичките студија, во брановидна форма.
Обвинителот го праша дали таа вечер знаел кој ги поставил прскалките во дискотеката.
– Кога стигнувавме правевме тонска проба и одевме после тоа во хотели или во ресторани, а кога се враќавме назад прскалките веќе беа наместени. Еднаш го видов Мартин Атанасовски како ги поместува прскалките напред назад. Немав некоја близина со Мартин, му се обраќав строго професионално – рече Тонев.
– Дали знаете зошто другите членови на бендот го ангажирале Мартин? – праша обвинителот.
– За да се грижи за настапите, за пијачките. Не ми е познато дали бил задолжен да се грижи за пиротехниката – рече тој.
– Дали некој реагираше да ги отстраните прскалките од бината? – праша обвинителот.
– Не – рече сведокот.
Имал околу 50 настапи со ДНК, а на 15-ина од нив се користела пиротехника
Музичарот Тонев одговараше и на вкрстени прашања од одбраната.
– Кажавте дека прскалките се користеле и на претходни настани, дали тие биле набавувани од страна на групата ДНК? – праша адвокатката Ивана Коцевска.
– Не знам, не можам да одговорам на тоа прашање, не сум видел – рече тој.
– Никогаш ли со бендот не сте разговарале за пиротехниката, кое е опасно средство? – праша Коцевска.
Сведокот негираше, рече дека зборувале за песните и дека не знае кој ја активирал пиротехниката.
Тој рече дека имал околу 50 настапи со ДНК, од кои на 15-ина се користела пиротехника, но дека не знае чија била таа.
– Рековте дека кога сте се вратиле, во собата биле Панчо и Буцо, дали може да заклучам дека тие двајца ја поставиле пиротехниката? – праша Коцевска.
Сведокот не одговори веднаш, на што адвокатите реагираа дека гледа кон обвинителот, односно дека обвинителот го инструира како да одговори. Адвокатите побараа сведоците да седат подалеку од обвинителите.
Сведокот рече дека гледал кон обвинителот за да види дали има приговор, на што судијката му рече дека треба да гледа во судот, а не во обвинителот.
– Не знам кој ја наместил пиротехниката – рече сведокот.
– Колку пати сте настапувале во „Пулс“ – праша Коцевска.
– Настапувавме на истата дата и претходната година – рече Тонев.
– Како сте забележале каков е сунѓерот од два настапа во „Пулс“, а на 15 настапи на други места не сте забележале кој ја поставил и ја активирал пиротехниката? – праша Коцевска.
– Како што кажав, не знам кој ја поставувал пиротехниката и не сум видел дали некој од бендот ја активирал. Не знам кој ја активирал и со сигурност знам дека не е активирана со запалка – рече сведокот Тонев.
– Ако не сте знаеле кој ја активирал, како знаете дека не е актвирана со запалка? – реагираше адвокатката.
– Не знам како е активирана – рече тој.
Адвокат на второобвинетиот Митко Стојанов праша дали тоа „многу време“ колку што бил заглавен во дискотеката е 15 до 20 минути, а музичарот потврди.
– Во такви услови 15 минути се долго време. Ние на бината бевме најдалеку од излезот – додаде музичарот Тонев.
Одбраната не му верува на сведокот
Тонев рече дека никогаш претходно немало проблем со прскалките.
– Ќе се согласите ли дека ако ДНК не користеше прскалки таа вечер, немаше да се случи пожарот – праша адвокатот еден од обвинетите градежни инспектори.
Обвинителот приговараше, но судот го дозволи прашањето.
– Не можам на тоа да одговорам. Има надлежни што треба да одговорат за тоа прашање – рече тој.
Адвокатот Јовица Страшевски приговараше на целото сведочење на Тонев, затоа што рече дека тој бил подготвуван од јавниот обвинител како да одговара на прашањата, а сведокот треба да одговара под заклетва за она што го знае.
Судијката рече дека обвинителството може да го подготви сведокот, а сведоците знаат дека се под заклетва.
Адвокат Еленко Миланов праша дали и на првиот настап на ДНК во „Пулс“ во 2024 била употребена пиротехника, на што сведотко рече дека не се сеќава.
– Рековте дека сте ја виделе поставена пиротехниката кога сте се вратиле, дали е тоа идентичната пиротехника со онаа од другите настани? – праша Миланов.
– Не знам дали е истата, не е тоа мојата работа – рече сведокот.
– Дали пиротехниката е слична? – праша адвокатот.
– Никогаш не сум гледал во пиротехниката и не можам да кажам. Сум ја забележал и не знам дали била истата – рече сведокот.
– Дали тоа значи дека пиротехниката сте ја забележале пред употребата и на другите настани – праша адвокатот, на што сведокот рече „да“.
Адвокатот Петре Шилегов го праша сведокот дали на некој настап на ДНК го видел неговиот клиент, обвинетиот Шефкет Хазари, што сведокот го негираше.
– Кажавте дека бината била висока еден метар, колку се обично високи бините на другите места? – праша Шилегов.
– Околу 30-ина сантиметри – одговори сведокот.
На прашање дали пред настапите договараат сценарио на настапот и плеј листа, сведокот рече дека прават проби, а редоследот на песните го одредуваат на самиот настап, односно клавијатуристот во договор со Панчо им кажувал преку слушалки која песна ќе биде следна.
– Додека изведуваме една песна, тој ни кажуваше која песна е следната. Песните беа 90 отсто исти на секој настап, но редоследот на песните беше различен, не беше претходно договорен – рече сведокот.
На прашање дали се знаело кога ќе се употребат сценските ефекти, сведокот рече дека никој од бендот нема контрола врз тоа кога ќе се запалат светла и слични ефекти на сцената.
Адвокатот Шехтански праша дали прскалките се на бендот, сведокот рече дека неколку пати одговорил дека не знае кој ги донел. Шехтански праша дали забележал во каква боја се прскалките, рече дека не забележал. Родителите присутни нво судницата реагираа на прашањата, а адвокатите реагираа на нивната врева и побараа судијката да ги опомене.
Судијката ги опомена да бидат тивки. Шехтански приговараше на исказот на сведокот затоа што, како што рече, не ја зборувал вистината дека не знае ништо за прскалките.