РОМАНИЈА ЈА ТРЕСЕ МЕЃУНАРОДНА ТЕНДЕРСКА ИЗМАМА ВРЕДНА 3,3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА Измамата, случајно или не, ја откри босанска градежна компанија
Босанската градежна компанија тврди дека без да знае и со фалсификувани документи е прикажана како членка на конзорциум предводен од романската градежна компанија „Димекс 2000“.
Босанската градежна компанија „Интеграл инженеринг“ тврди дека без да знае се најде во центарот на измама со тендери во Романија откако била наведена како дел од конзорциум кој конкурирал и добил тендер за изградба на инфраструктура во Романија.
Компанијата сега бара од надлежните романски и европски судски органи, како и од истражните и обвинителските органи на Република Српска и Босна и Херцеговина, да ја прошират тековната истрага на четири дополнителни тендерски постапки каде што беше откриена злоупотреба на идентитетот на компанија.
Градските власти на Клуж, во централна Романија, привремено го суспендираа договорот за изградба на кружниот пат, вреден 930 милиони евра, откако босанската градежна компанија пријави дека била лажно пријавена на тендерот со фалсификувани документи, пишува босанксо-херцеговската подружница на Радио Слободна Европа.
Тендерот формално го доби конзорциум од три компании, меѓу кои беше наведена и „Интеграл Инженеринг“, чие седиште е во Лакташи во близина на Бања Лука. Во таа компанија, сепак, тврдат дека не се согласиле со формирањето на конзорциумот што го добил тендерот.
Од оваа компанија, која беше под санкции на САД од 2022 до 2024 година, истакнуваат дека покренале меѓународна истрага. За сè ги информирале обвинителствата во Романија и Босна и Херцеговина, како и институциите на европско ниво.
Градската администрација на Клуж објави тендер за избор на изведувачи во октомври 2024 година. Договорот со победничките компании беше потпишан во мај минатата година, пишува романската служба на Радио Слободна Европа.
Станува збор за конзорциум предводен од романската градежна компанија „Димекс 2000“. Покрај неа, како членови се наведени бугарската „Хидрострој“ и „Интеграл Инженеринг“ од Лакташ.
Компанијата „Интеграл Инженеринг“ тврди дека дознала за тендерот во септември минатата година. Потоа ја информирала градската администрација дека никогаш не дала согласност и дека нејзините податоци биле користени без овластување.
Исто така, тврдат дека не биле запознаени со таа романска компанија пред тендерот.
Градската администрација на Клуж тврди дека тендерската документација содржи договор за здружување на компании, кој е потпишан во име на компанијата „Интеграл Инженеринг“.
Тој документ не е објавен, бидејќи е предмет на постапка што ја разгледуваат надлежните органи. Исто така, градската администрација тврди дека постои документ за здружување, кој е потпишан пред нотар врз основа на полномошно.
Сепак, компанијата „Интеграл Инженеринг“ го негира ова, тврдејќи дека не ги познава лицата кои користејќи го идентитет на компанијата и без никаква согласност со фалсификувани документи, го регистрирале Integral Engineering во системот SEAP.
Како што тврдат, го пријавиле случајот во Државното обвинителство и Агенцијата за борба против корупцијата на Романија, Државната агенција за истраги и заштита на Босна и Херцеговина, Министерството за внатрешни работи на Република Српска и Европската канцеларија за јавни набавки.
На крајот на јануари, Градот Клуж привремено го суспендираше договорот за градба, со цел да им се даде можност на компаниите „Димекс“ и „Интеграл Инженеринг“ да го решат спорот. Беше објавено дека, доколку не се постигне договор, ќе се разгледа раскинување и откажување на тендерот.
Романската компанија „Димекс 2000“ е основана во 2000 година и е специјализирана за изградба и одржување на патишта, инсталации, производство на бетон и изнајмување машини.
Во писмото што компанијата претходно го испрати до градската администрација, беше наведено дека сите документи се доставени во согласност со правилата и дека постапката поминала домашни и европски проверки.
Тие исто така наведуваат дека договорот за здружување на компании е составен од нотар, со што се потврдува правото на секој претставник да го потпише документот во име на својата компанија.
Оспорени тендери каде што, според „Интеграл“ е злоупотребен идентитетот на компанијата се однесуваат на автопатот Бакау – Пјатра Њамц кој чини 1,6 милијарди евра, обиколница на метрополитенската област Клуж (Дел 2) со вредност од 1,4 милијарди евра, обиколница околу Медијаш (166,3 милиони евра), пристапен пат Трговиште ( 142 милиони евра) и изградба на патишта во општина Клуж (76,7 милиони евра).
Вкупната вредност на овие проекти надминува 3,3 милијарди евра.
