НЕМА ЏЕНТЛМЕНСКИ НУКЛЕАРЕН ДОГОВОР ПО НОВ СТАРТ? Ние не сме тие што тестираат, вели Песков

По истекот на договорот „Нов СТАРТ“, Вашингтон тврди дека повеќе нема никакви обврзувачки ограничувања меѓу САД и Русија. Москва и Пекинг, пак, ги отфрлаат американските обвинувања за наводни нуклеарни тестови и зборуваат за политичка манипулација.

311

Москва и Пекинг ги отфрлија американските обвинувања за нуклеарни тестови, додека од Вашингтон стигна порака дека по истекот на договорот „Нов СТАРТ“, кој со години ги ограничуваше стратешките боеви глави на САД и на Русија, повеќе не постои ниту формална ниту „џентлменска“ рамка што ги обврзува двете сили.

„Ние не сме тие што тестираат“






Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека ниту Русија ниту Кина не спровеле нуклеарни тестирања. Тој ги отфрли обвинувањата што, како што рече, ги изнела американската страна.

– Ниту Руската Федерација, ниту Кина, не спроведоа никакви нуклеарни тестови. Исто така, знаеме дека претставникот на Народна Република Кина цврсто ги отфрли овие обвинувања – рече Песков, пренесен од „Известија“.

Песков реагираше на изјавите од Вашингтон дека Кина наводно спровела подземна нуклеарна проба во јуни 2020 година на полигонот Лоп Нор.

„Ова е битка за хегемонија“

И Кина ги отфрли обвинувањата. Портпаролот на кинеската амбасада во Вашингтон, Лиу Пенгју, ги нарече тврдењата „целосно неосновани“ и оцени дека станува збор за политичка манипулација.

„Ова е политичка манипулација насочена кон постигнување нуклеарна хегемонија и избегнување на сопствените обврски“, изјави Лиу во писмена реакција.

„Тестирања на рамноправна основа“

Американската администрација оценува дека рамката на „Нов СТАРТ“ е застарена и недоволна, бидејќи не ги опфаќа нестратешките нуклеарни капацитети и не ја вклучува Кина.

Претседателот на САД Доналд Трамп најави дека САД би можеле да се вратат на нуклеарни тестирања „на рамноправна основа“ доколку конкурентите продолжат со тестови.

Дебатата околу истекот на договорот и обвинувањата за нови тестови повторно го отворија прашањето за глобалната контрола на нуклеарното оружје и идната архитектура на разоружување.

По Нов Старт нема повеќе обрзувања

Помошникот државен секретар на САД, Кристофер Ју, изјави дека не постои никакво неформално разбирање меѓу Вашингтон и Москва за почитување на ограничувањата од истечениот договор „Нов СТАРТ“.

– Не знам за таков договор – рече Ју на настан во Институтот „Хадсон“.

Договорот „Нов СТАРТ“, потпишан во 2010 година, ја ограничуваше секоја земја на 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави. Тој истече на 5 февруари.

– Ние повеќе не сме обврзани со ограничувањата на Новиот СТАРТ – изјави Ју, додавајќи дека идните одлуки ќе ги носат претседателот и Пентагон.

„Суперкритична нуклеарна детонација“

Ју тврдеше дека САД располагаат со сеизмички податоци што укажуваат на „суперкритична нуклеарна детонација“ на 22 јуни 2020 година во близина на Лоп Нор. Според него, регистриран бил настан со магнитуда од 2,75 степени.

– Ме водат податоци. Јас сум научник. Постои многу мала можност дека станува збор за нешто друго освен експлозија – рече Ју.

Тој додаде дека податоците не се во согласност со земјотрес или класично минирање.

Поврзани содржини