МИНИМАЛЕЦОТ МОРА ДА ГО ДОГОВОРАТ РАБОТНИЦИТЕ И РАБОТОДАВЦИТЕ Владата системски ги зголемува платите, преку договори, а не со популизам
Договорените зголемувања на платите до крајот на мандатот на оваа Влада ќе го надмине целосно барањето кое што сега го има претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели пратеникот Бојан Стојановски.
Денеска сме должни да ја кажеме вистината – синдикатот нè напаѓа дека кога бевме опозиција сме ги поддржувале на протестите, а сега наводно тоа не било случај. Точно е, кога тие протестираа од 2020 до 2024 година, ние излеговме пред Собранието, пред Министерството за финансии, рече денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
– Остварувавме бројни средби и кога бевме во опозиција, а особено тие средби се интензивираа откако ја преземавме власта. Ги поддржувавме и заедно спречивме многу штетни политики кои сакаше да ги имплементира тогашната власт. Го критикувавме тогашниот криминален систем на СДСМ и ДУИ, затоа што не ги почитуваше колективните договори и затоа што платите доцнеа со месеци – рече Стојановски.
Но, ајде да ја поставиме суштинската разлика, додаде тој.
– Тогашното барање на ССМ беше линеарно зголемување од 2.806 денари по вработен во јавниот сектор, што можете да го видите од амандманот којшто беше изготвен од нив, а поддржан од наша страна. Истовремено може да се види како на официјалната веб страна на ССМ тие дури и јавно ни се заблагодаруваат на нас, неколкумина, кои тогаш застанавме рамо до рамо со нив – рече пратеникот.
Денес, додаде Стојановски, 2 години откако ја водиме државата, фактите се следни.
– Во општините раководени од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ, платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари по вработен. Вработените во образованието добија колективен договор со кој тие во основното и средното образование ќе имаат од 46% до 60% повисоки примања во рок од 4 години. Вработените во високото обрасование добија покачување за минимум 14%. Здравствените работници ќе добијат 40 до 50% повисоки плати во еден мандат, со склучениот колективен договор од оваа Влада. Полициските службеници добија 10% зголемување. Социјалните работници добија 20% повисоки плати. Вработените во Генералниот секретаријат и во СОЗР добија 30% зголемување преку посебни колективни договори. Околу 11.000 вработени во администрацијата, судовите и во обвинителствата се опфатени со историски договор кој гарантира покачување на платите за 40%, за 2 години и 3 месеци, кој трае до 2028 година. Испочитувани се во целост сите колективни договори кои претходната власт ги игнорираше, во одбраната, културата и во други институции. Платите денес се исплаќаат редовно, без доцнење со месеци како што беше во времето на СДСМ и ДУИ – наброја Стојановски.
Сите овие зголемувања на платите се многу поголеми од тоа зголемување што тогаш го бараше ССМ, а уште поважно до крајот на мандатот ќе го надмине целосно барањето кое што сега го има претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, потенцира Стојановски.
– Сега прашањето е многу едноставно: Ако тогаш барањето беше 2.806 денари, а денес зголемувањата се значително поголеми од тоа, каде е проблемот? Вистината е следна: Ние како опозиција поддржувавме борба за повисоки плати, затоа што имаше неправда. Денес, како власт, ние не ветуваме на улица, ние реализираме преку договори, проценти и потпишани колективни спогодби. За овие 2 години, Владата склучи договори, зголеми плати и воспостави системска рамка до 2028 година. Воедно, да потсетиме и на тоа дека инфлацијата значително ја намаливме од оние двоцифрени стапки кои беа во перидот од претходно – рече Стојановски.
Во исто време, од страна на раководството на ССМ нема ниту еден нов договор со кој тие самостојно избориле зголемување, додаде тој.
– Нема ниту една конкретна победа издејствувана преку преговори. Работниците заслужуваат синдикален лидер кој ќе седи на маса и ќе договара проценти, рокови и гаранции. Во моментов, на чело на ССМ е човек кој се обидува да гради политичка кариера преку конфронтација во име на трудот на работниците. Да бидам јасен: Ние не бегаме од дијалог. Ние не бегаме од разговор за минимална плата. Но, минималната плата мора да се договара институционално, во Економско-социјалниот совет, меѓу работодавачите и синдикатите, со Владата како посредник – посочи пратеникот.
Решението, додаде, мора да биде одржливо за сите инволвирани – за работниците, за работодавачите, за буџетот, за економијата во целост.
– Популизам со говори е лесен. Потпишан договор што важи 4 години значи сериозен пристап, предвидливост и одговорност кон сите чинители. Владата како работодавач ќе продолжи со системски зголемувања на платите и со почитување на склучените колективни договори – рече Стојановски.
Денешната блокада, посочи, нема да ја спречи Владата да продолжи со заложбата за раст на платите.
– Напротив, ние ќе продолжиме да работиме на поголем економски раст од досегашниот кој ќе овозможи зголемување на сите плати во државата, а не само на минималната. Работниците не се и никогаш нема да дозволат да бидат средство за политички пресметки. Тоа се сериозни луѓе кои ги извршуваат своите работни обврски, а бараат сигурност, плата на време и договор што важи – рече денеска пратеникот Бојан Стојановски.
