СЕ ЗАОСТРУВААТ КРИЕТРИУМИТЕ ЗА ЗЕМЈОДЕЛСКИ СУБВЕНЦИИ Државата ќе проверува кому ги дава парите
Министерот за земјоделство вели дека е нелогично е да имаме милиони евра поддршка, а да бележиме пад на производството.
Зголемување на критериумите за добивање субвенции и засилени теренски контроли на корисниците на финансиска поддршка, најави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
Трипуновски, кој на брифинг со новинарите ги сублимира досегашните и следните активности на Министерството за земјоделство, објасни дека контролите нема никако да бидат тенденциозни, а ќе се спроведуваат зашто се воочени корисници на субвенции кои воопшто не ги обработувале површините.
– Да се зголеми продукцијата на храна и субвенциите да имаат ефект, е целта на реформите во земјоделството што почнаа уште минатата година. Нелогично е да имаме милиони евра поддршка, а да бележиме пад на производството. Се покачуваат минималните критериуми за користење субвенции зашто сакаме да ги стимулираме вистинските, активни земјоделци. Кај нив треба да дојде поддршката – подвлече Трипуновски.
Осврнувајќи се на планираните промени кои допрва ќе се спроведуваат, министерот нагласи една од нив – дека со новата програма за поддршка нема да се субвенционира пченица ако не се користи сертифициран семенски материјал.