ЌЕ СЕ МЕНУВА ЛИ ЗАКОНОТ? Јавната дебата сè уште трае, МОН очекува официјални забелешки
Министерката за образование најави директни средби со академската заедница и порача дека Македонија мора да се движи кон повисоки стандарди во образованието и науката.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, изјави дека јавната дебата за новиот Закон за високо образование сè уште трае и дека Министерството очекува официјални и интегрирани забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе започне посети и јавни расправи.
– Сè уште не е завршена јавната дебата и сè уште очекуваме забелешки. Добиваме предлози преку ЕНЕР и по електронска пошта, но очекуваме универзитетите официјално да ги достават своите интегрирани забелешки. Сè што е разумно ќе биде прифатено, а сè што може да претставува проблем ќе биде предмет на дискусија – изјави Јаневска.
Таа посочи дека ќе следуваат средби со професори и академската заедница, на кои ќе се разгледаат спорните членови од законот. Според неа, во најголем дел нема суштински забелешки, но остануваат неколку прашања за кои ќе треба дополнително усогласување.
Министерката нагласи дека образованието и науката мора да бидат приоритет.
– Немаме повеќе време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски ќе го поддржи напредокот – истакна Јаневска.
На прославата по повод Свети Трифун, таа упати честитки до граѓаните, особено до земјоделците, лозарите и овоштарите, изразувајќи поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна и за проектите поврзани со аграрниот сектор.