СУБВЕНЦИИ, ДОБАР РОД И ВИНО Николоски најави поддршка за лозарите и нови инфраструктурни проекти

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски од Неготино го честиташе празникот Св. Трифун и најави продолжување на поддршката за земјоделството и инфраструктурата во регионот.

154

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска од Неготино го честиташе празникот Св. Трифун, традиционално посветен на лозарите и винопроизводителите, и посака многу добар род и поволни откупни цени.

На одбележувањето на, како што нагласи, најзначајниот празник за Тиквешкиот Регион, Николоски истакна дека „убавите вести веќе стигнаа“ и дека „Владата ја заврши својата обврска и целосно се исплатени субвенциите за сите оние кои макотрпно работат и произведуваат“.






-„Тоа, се надевам, ќе биде стимул за оваа сезона да има добар род, а земјоделците да бидат мотивирани да дадат максимум. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме и да го стимулираме земјоделието. Цените оваа година се навистина добри, а се надевам дека следната сезона ќе бидат уште повисоки. Трудот мора да се цени, а домашното производство да се стимулира“, изјави Николоски.

Тој додаде дека македонските компании, особено винарии, веќе се конкурентни на меѓународниот пазар.

-„Пред неколку дена бев во Париз, каде македонските винарии се натпреваруваа рамо до рамо со најдобрите европски. Беше гордост да се види како нашите компании имаат врвен квалитет, а во некои производи се дури и пред европските винарии“, рече Николоски.

Министерот за транспорт и потпретседател на Владата најави продолжување на поддршката за инфраструктурата, која е клучна за полесна комуникација и развој на регионот.

-„Градоначалничката има амбициозна агенда, а Владата ја поддржува. Со почетокот на градежната сезона очекувам започнати проекти да се завршуваат и нови проекти да се иницираат“, додаде Николоски.

На одбележувањето на празникот во Неготино, Демир Капија и Кавадарци, Николоски присуствуваше заедно со министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.

Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина – појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.

Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.

На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.

Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.

Поврзани содржини