СВЕТИ ТРИФУН ВО ЗНАКОТ НА ЗЕЛЕНАТА ТРАНЗИЦИЈА „Тиквеш“ го одбележа празникот на лозарите и најави инвестиции со иновации и одржливост
Винарската визба „Тиквеш“ со традиционално закројување во Лепово го одбележа Свети Трифун и најави целосна елиминација на фосилните горива и премин кон обновлива енергија до 2050 година.
Винарската визба „Тиквеш“ традиционално го одбележа празникот Свети Трифун со закројување на лозјата во Лепово, симболично означувајќи го почетокот на новата лозарска сезона.
Свечениот чин го изврши поглаварот на МПЦ-ОА, Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан , заедно со претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“, Светозар Јаневски, во присуство на министри, дипломати, институции, лозари и соработници.
Со традиционалното закројување беше испратена порака за единство, одговорност и визија за одржлива иднина на македонското винарство, особено во услови на климатски промени и засилена конкуренција на глобалниот пазар.
– Иднината на лозарството мора да се гради врз основа на наука, стандарди и економски одржливи насади. Лидерската позиција на „Тиквеш“ е резултат на иновации, дигитализација, алатки базирани на вештачка интелигенција и зелена технологија – изјави Светозар Јаневски.
Тој потенцираше дека за одржлив развој на секторот е неопходна долгорочна стратегија, креирана во партнерство со сите засегнати страни во индустријата.
Од винарницата информираат дека континуирано инвестираат во напредни практики за производство на грозје и вино, во соработка со експерти од Франција, Италија и Словенија, следејќи ги најсовремените светски трендови.
„Тиквеш“ е во процес на целосно елиминирање на фосилните горива од производството и преминување на користење исклучиво обновливи извори на енергија, со цел намалување на јаглеродниот отпечаток.
Компанијата е единствена од регионот со сребрено членство групата „Меѓународни винарници за борба против климатските промени“ (IWCA – Interational Wineries for Climate Action), која ги обединува водечките светски винарници со цел постигнување нулта нето емисија на јаглерод до 2050 година.