НЕКОИ ВЕЌЕ ТРОШАТ 5% ЗА ОДБРАНА, ДРУГИ СЕ НА ДОБАР ПАТ Руте порача дека НАТО стои цврсто со Украина
Земјите членки веќе ја креваат одбранбената рамка на 5% од БДП, а дел од нив ја исполнија или надминаа целта, истакна Марк Руте по состанокот во Брисел. Генералниот секретар порача дека поддршката за Украина останува цврста и дека САД се целосно посветени на НАТО и на мировниот процес.
Земјите на НАТО постигнале напредок во вложувањата во одбраната кој е „видлив“ и 2025 година донела „огромна промена“, изјави генералниот секретар на НАТО по состанокот на министрите за одбрана во Брисел.
На состанокот се разгледувал напредокот на сојузниците во спроведување на одлуките од Самитот во јуни во Хаг во 2025 година за зголемување на расходите за одбрана на 5% од бруто домашниот производ на секоја земја.
– Доказите за напредок во исполнувањето на таа обврска се видливи. Веќе видовме огромна промена во 2025 година. Данска, Естонија, Литванија, Летонија, Полска веќе ја исполнија или надминаа таа цел, Германија е на добар пат да ги удвои тие инвестиции во споредба од пред неколку години. Овие инвестиции се од витално значење за нашата безбедност – истакна Руте.
Фокусот бил ставен на зајакнување на одвраќањето и на континуирана поддршка за Украина, која бара поголема воена и финансиска помош.
– НАТО е со Украина. Нашата безбедност е поврзана и сите сакаме да видиме траен и праведен крај на таа брутална војна. Сојузниците се обединети во нивната поддршка за Украина и нивната посветеност да го бранат секој сантиметар од нашата територија – нагласи генералниот секретар.
На состанокот не присуствуваше американскиот министер за одбрана Пит Хегсет. Наместо него учествуваше неговиот заменик Елбриџ Колби. Руте демантираше дека тоа значи поделби во Алијансата.
– САД го прекинаа застојот во мировниот процес со Русија, што беше клучно, ги предводат мировните преговори и нè информираат за состојбата. Сите имаме една цел. Да ја завршиме таа војна така што Русија никогаш повеќе да не се обиде да ја нападне Украина – изјави Руте.