ТРИ МАЛИ ДЕЦА ЗАГИНАА ВО НАПАД СО ДРОНОВИ Руската армија напаѓа станбени зони во Харков и во Запорожје

Куќа срамнета со земја во Харковската област, илјадници без струја по новите ноќни напади врз Украина.

66

Руски напад со дрон го зави во црно градот Богодухив во Харковската област, каде загинаа три мали деца и еден 34-годишен маж, додека нови удари врз Запорожје предизвикаа пожари и масовни прекини на струја.

Според украинската Државна служба за вонредни состојби, ударен дрон погодил приватна куќа во станбен дел од Богодухив, која била целосно уништена. По експлозијата избувнал пожар што се проширил на површина од околу 60 квадратни метри.






„Непријателот повторно нападна станбена зона. Куќата е целосно разурната“, соопштија спасувачките служби.

Под урнатините биле пронајдени телата на две момчиња, едното на возраст од една година, другото двегодишно, како и на двегодишно девојче. Животот го загубил и 34-годишен маж.

Началникот на Харковската регионална воена управа, Олех Сињегубов, информира дека повредени се и 35-годишна трудница и жена постара од 70 години.

Ова е втор смртоносен напад врз Богодухив во рок од неколку дена. На 9 февруари во руски напад загинаа десетгодишно момче и неговата мајка, откако нивниот дом беше погоден и срушен.

Во текот на ноќта на удар се најде и Запорожје. Дронови погодија инфраструктурен објект, предизвикувајќи голем пожар и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Според локалните власти, повеќе од 11.000 корисници во два реона останале без струја.

Дел од снабдувањето е обновено, но утрово над 2.000 домаќинства сè уште биле без електрична енергија. Властите предупредуваат дека целосната стабилизација може да потрае.

Во друг ноќен напад биле оштетени и болнички објекти, скршени се прозорци на едно одделение, но нема жртви. Во Вилњанск се оштетени и уништени повеќе приватни куќи, а повредени се две жени на возраст од 19 и 77 години.

Според украинското воено воздухопловство, Русија во текот на ноќта лансирала 129 јуришни дронови, меѓу кои и од типовите „Шахед“, „Гербера“ и „Италмас“. Противвоздушната одбрана соборила или неутрализирала 112 летала, но 15 дронови погодиле осум различни локации низ земјата.

Поврзани содржини