ОДБИЛ КОНТРОЛА И СЕ ОБИДЕЛ ДА ИЗБЕГА Македонец уапсен на граница во Албанија
Обидот за бегство го доведе во опасност животот на албанските полицајци, а возилото е запленето.
На граничниот премин „Блато“ на македонско-албанската граница, кај Дебар, албанската полиција уапсила 42-годишен македонски државјанин, кој откако одбил да биде контролиран, се обидел да избега, загрозувајќи ги животите на полициските службеници.
„Вчера околу 17:20 часот, лицето Г.К. од Македонија, при влез на албанска територија со својот автомобил ‘мерцедес’, бил замолен да премине на втората линија за детална проверка, заедно со возилото. Тој го одбил барањето на полициските службеници и се обидел да избега со возилото, загрозувајќи ги животите на полицајците. Тој е фатен и уапсен“, соопшти албанската полиција.
Се додава дека уапсениот ќе одговара за кривични дела „спротивставување на вршење на должност на службеник од јавен ред и мир“ и „нелегално преминување на граница“, а возилото што го управувал е запленето.
Материјалите од случајот се предадени на Обвинителството при Основниот суд од општа надлежност во Пешкопеја за понатамошни дејствија.