ДОМОВИ ОСТАНАА БЕЗ СТРУЈА И ГРЕЕЊЕ НА -25 СТЕПЕНИ Ужас во Харков по петчасовниот руски напад

Масовен комбиниран напад траел повеќе од пет часа, илјадници домаќинства без струја и греење на минус 25 степени.

544

Околу 60 проценти од потрошувачите во Харковскиот регион на Украина останаа без електрична енергија по масовниот руски напад, а во сила се неколку рунди планирани и итни исклучувања, објави денес началникот на регионалната воена администрација на Харков, Олех Сињехубов.

Тој на брифинг изјави дека е донесена одлука електричната енергија да се обезбеди како приоритет и да не се исклучуваат домаќинствата што имаат проблеми со греењето, што првенствено се однесува на градовите Харков и Лозова.






– Речиси 60 проценти од населението е без електрична енергија. Нашата главна цел е да обезбедиме електрична енергија за оние домаќинства каде што постои ризик за системот за греење – рече Сињехубов.

Според него, во областа се воведени помеѓу четири и четири и пол рунди планирани прекини, додека дополнителни речиси 200.000 потрошувачи беа погодени од итни прекини, што вкупно изнесува околу десет рунди.

Сињехубов додаде дека рускиот комбиниран напад траел повеќе од пет часа и дека по масовното гранатирање, над Харков и пошироката област биле регистрирани поединечни напади од беспилотни летала „Шахед“.

– Веруваме дека непријателот го направил ова намерно, со цел да ги спречи единиците на Државната служба за вонредни ситуации, енергетските специјалисти и комуналните служби навремено да ја започнат рехабилитацијата и реконструкцијата. На температура од минус 25 степени, секоја минута е клучна кога станува збор за враќање на греењето и снабдувањето со енергија – рече Сињехубов.

Како што беше претходно објавено, Харков беше подложен на масовен комбиниран напад во ноќта помеѓу 2 и 3 февруари, а според канцеларијата на регионалниот обвинител, повредени се четири лица.

Во исто време, во градот Лозова, поради напад на руските сили, околу 16.000 жители останаа без греење.

Поврзани содржини