СКАНДАЛ СО ИПАРД-СРЕДСТВА, 50.000 ЕВРА ЗА ПОТПИС Обвинение за корупција во Агенцијата за земјоделство
Обвинителството тврди дека со поткуп и противзаконито влијание била одобрена финансиска поддршка иако фирмата не ги исполнувала условите.
Голема корупциска афера околу ИПАРД-фондовите заврши со обвинение против повеќе лица, меѓу кои и државни службеници од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Обвинителството тврди дека биле ветувани и исплатени мито и награди за противзаконито влијание со цел незаконски да се одобри финансиска помош во износ од стотици илјади евра.
Според обвинението поднесено до Основниот кривичен суд Скопје, управител на фирма аплицирал за средства од ИПАРД-програмата, иако компанијата не ги исполнувала потребните услови. Бидејќи апликацијата била лошо рангирана и немала основ за одобрување, тој решил проблемот да го „среди“ со пари.
Обвинителството наведува дека на раководно лице во Агенцијата му бил ветен поткуп од 50.000 евра, додека на уште три лица им биле дадени по 5.000 евра за да извршат притисок и да влијаат врз одлуката. Целта била апликацијата неосновано да биде подигната на листата и целосно да се одобрат бараните средства.
Во истрагата се утврдило дека четворица државни службеници, спротивно на законот и своите обврски, ја „прогледале низ прсти“ документацијата. Тие направиле погрешни пресметки, прифатиле некомплетни документи и подготвиле решение со кое финансиската поддршка била одобрена, иако условите не биле исполнети.
Еден од обвинетите, иако бил свесен за неправилностите, го потпишал решението со намера да го добие ветениот подарок. Поради сериозноста на делото, за дел од обвинетите и натаму остануваат на сила мерките притвор и куќен притвор.
Обвинителството побара и одземање на мобилни телефони, дигитални уреди и парични средства – 35.370 евра, 206.000 денари и 200 швајцарски франци, за кои се сомнева дека се поврзани со делото.
Дополнително, отворена е и предистражна постапка за евентуални злоупотреби со други ИПАРД-средства, што укажува дека аферата може дополнително да се прошири.