УСПЕХ НА МАКЕДОНСКАТА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО БРИСЕЛ Затворање на пост-мониторинг дијалогот е сериозно признание за напредокот на Македонија
Оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји, пишува на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Парламентарното собрание на Советот на Европа денеска донесе одлука за затворање на пост-мониторинг дијалогот со нашата земја, процес што беше отворен во 2000 година, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
„Оваа одлука претставува важно институционално признание за напредокот и посветеноста на државата кон принципите и стандардите на Советот на Европа, како и потврда за остварениот напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и односите со соседните земји.
Посебна заслуга за успешно заокружување на овој процес има македонската делегација во Парламентарното собрание, предводена од пратениците Марија Петрушевска, Иванка Василевска, Беким Ќоку и Бисера Костадиновска-Стојчевска, како и Постојаната мисија на државата при Советот на Европа.
Одлуката претставува значаен успех и недвосмислена потврда за посветеноста, професионализмот и ефективноста на македонската дипломатија во унапредувањето и заштитата на темелните европски вредности“.