СИЛНА ПОДДРШКА ОД ЗАГРЕБ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ЕВРОИНТЕГРАЦИИ Николоски разговарал и за проблемот на превозниците и за современите безбедносни предизвици

Вицепремиерот Николоски изминатите денови во Загреб, Хрватска имаше повеќе средби со политичари и претставници на бизнис асоцијациите.

212

Силната поддршка за Македонија за евроинтегративниот процес и заложби за интензивирање на политичките и економски релации меѓу Македонија и Хрватска, беа потврдени на средбата во Загреб помеѓу вицепремиерот и минисер за транспорт Александар Николоски и Маријана Петир, пратеник во хрватскиот Сабор, соопшти Министерството за транспорт.

За време на работната посета во Саборот, Николоски остварил средба и со Андро Крстуловиќ- Опара, претседател на Одборот за надворешна политика.

Како што е соопштено, на средбите било посочено дека добрите односи меѓу двете земји претставуваат пример за регионална соработка, заснована на пријателство, заемна поддршка и визија за европска перспектива. Ваквата улога во регионот има значајно влијание врз унапредување на стабилноста во регионот, економскиот развој и интеграцијата, се заклучи на двете одделни средби.

Николоски го потенцирал и проблемот за транспортерите од Македонија и регионот и побарал силна поддршка од Хрватска во надминување на состојбата со нивните работни активности во рамки на Шенген зоната.

Тој рекол дека  овој проблем има регионално значење и брзо надминување на истиот ќе придонесе за стабилност на регионалната економија и побрз проток на стоки и услуги кон европските пазари.

Николоски, како што е соопштено, на средбите ги потенцирал и реформите што ги презема Владата во делот на евроинтегративните процеси. Тој рекол и дека искуствата преземени од Хрватска особено придонесуваат за зајакнување на институционалните капацитети на земјата.

„Во делот на политичката соработка, билатералните односи се карактеризираат со отворен дијалог и меѓусебна поддршка. Како две партнерски земји членки на НАТО ја делат одговорноста во обезбедување на стабилност во регионот и справување со современите безбедносни предизвици“, се наведува во соопштението.

Во рамки на работната посета на Загреб, вицепремиерот Николоски се сретнал и со генералниот секретар на ХДЗ, Крунослав Катичиќ на која биле потврдени добрите односи меѓу двете земји, а се разговарало и за перспективите за Македонија и регионот.

Поврзани содржини