ТИЕ ШТО СЕ ОПИЕНИ ОД ИДЕЈАТА ЗА „ЕУ НА ЕДНАКВИТЕ“, ВЕДНАШ ДА СЕ НАПИЈАТ ЈУВА Отрезнете се, европската архитектура ќе се менува!

Европа со две брзини, укинување или ограничување на ветото, членство во фази – сето тоа се симптоми на ист проблем: Унијата мора да се менува за да опстане.

1,136

Европската Унија влегува во фаза во која старите „реформи на хартија“ стануваат прашање на политички опстанок. Со војна на својата источна граница, со Украина како ургенгентен кандидат за членство и со свет што се враќа кон сурова геополитика, Брисел сè потешко ги крие слабостите на архитектурата што бара едногласност за речиси сите клучни одлуки.

Денешната дебата за реформа на Унијата не е академска – таа е директен одговор на систем што почнува да крцка под сопствената тежина. Сè повеќе официјални личности од Европа признаваат дека оваа Унија, во ваков формат и со ваков начин на одлучување, веќе не може да опстане.






Германија веќе ја скицира „првата ЕУ лигаа“

Во тој контекст повторно се актуализира идејата за „Европа со две брзини“. Германскиот министер за финансии ја оживува како практично решение, а не како теоретска конструкција: група од шест најмоќни и најинтегрирани држави да се движат побрзо и подлабоко, додека останатите ќе им се приклучуваат кога ќе бидат подготвени. Во фокусот се конкурентноста, индустриската политика, финансиската интеграција и одбраната – области во кои Унијата одамна заостанува зад глобалните конкуренти.

Во идејата на германскиот министер Ларс Клингбајл, главен збор би имале шест најголеми економии во Европската унија, со заедничка агенда околу конкурентноста и суверенитетот. Клингбајл го повика овој колегиум да се собере со министри од Германија, Франција, Италија, Шпанија, Полска и Холандија, за да почнат разговори за заеднички приоритети и за поголема функционална соработка меѓу тие економски најсилни членки.

Најголемите четири економии (Германија, Франција, Италија и Шпанија) заедно учествуваат со околу 60% од БДП на Европската Унија по стандарди на куповна моќ (PPS), што значи дека тие доминираат во економскиот комаситет на ЕУ. Полска и Холандија, иако економски помали од првите четири, сепак се во првата „лига“ според номинален БДП и раст.

Што ќе кажат „второкласниците“?

Суштината на германскиот пристап е јасна: ако 27 држави не можат да се договорат, тогаш оние што можат и сакаат не смеат да бидат заложници на најбавниот. „Јадрото“ на Унијата треба да ја влече Европа напред, особено во време кога САД, Кина и Русија не чекаат европски компромиси.

Прашањето, меѓутоа, не е само економско – туку длабоко политичко. Токму тука се отвора старата, но никогаш затворена дилема: дали Европа со две брзини значи Европа со две класи. За помалите и посиромашните членки, но и за оние од периферијата, ваквиот модел звучи како институционализирана нееднаквост. Формално сите се членки, но суштински не сите седат на иста маса кога се носат одлуките.

За каква Европа сонуваа Оланд и Меркел

Важно е да се потсетиме дека оваа идеја не е нова. Уште во времето на Франсоа Оланд, а со тивка поддршка од Ангела Меркел, се зборуваше за „јадро на Европа“ и за Унија составена од концентрични кругови. Во јавниот дискурс тоа често се поедноставуваше како Европа од „А и Б лига“ – термин што никогаш не беше официјално прифатен, но остави силен политички впечаток.

Тогаш аргументот беше функционалност, а стравот – дека Унијата ќе се претвори во трајно нерамноправна заедница, во која првата лига одлучува, а втората спроведува.

Што пие Каја Калас?

Денес, таа стара дебата се враќа во уште почувствителен момент. Зашто, паралелно со економските и институционалните прашања, се отвора и темата за безбедноста и надворешната политика.

Најновата порака на Каја Калас е директна и без дипломатски украси: ветото на една земја не смее да ја диктира политиката на целата Унија, особено кога станува збор за стратешки прашања како Украина, Русија или санкциите.

Ова е директен удар врз принципот на едногласност, кој со децении се сметаше за гаранција на суверенитетот на малите држави. Но, практиката покажа дека истиот тој принцип може да се претвори во средство за уцена, блокада или внатрешно политичко поткусурување. Во услови на војна и геополитички притисоци, ваквата парализа станува луксуз што ЕУ сè помалку може да си го дозволи.

Целиот мастраф само за Украина?

Украина ја забрза оваа расправа до точка на вриење. Блокадите, заканите со вето и условувањата од поединечни членки ја натераа Унијата да бара креативни, па и заобиколни решенија. Оттука и идеите за ограничување на ветото, за квалификувано мнозинство во одредени фази, или за членство во етапи – концепти што до неодамна беа политичко табу.

Сè почесто се зборува и за „членство од втор ред“ или за проширување со различни нивоа на права и обврски. За Брисел тоа може да изгледа како прагматизам; за кандидатите, пак, како нова форма на неизвесност. Наместо јасна патека кон полноправно членство, се нуди сложен систем на чекори, услови и статуси што лесно може да се претвори во трајна чекална.

Ако падне ветото, ќе мора да падне и за Македонија

Во оваа сложена слика, неизбежно се поставува прашањето за Македонија. Ако Европската Унија најде начин да ги релаксира правилата за Украина – преку квалификувано мнозинство или ограничување на ветото – тогаш станува политички нелогично и тешко одбранливо да важат построги и постари правила за другите кандидатки.

Не може да има едно правило за Киев, друго за Западен Балкан, и трето – специјално скроено – за Скопје. Ова особено ако се има предвид искуството на Македонија, каде што европскиот пат со години е заложник на билатерални спорови и национални вета. Токму тоа искуство е најсилниот аргумент во прилог на тезата дека сегашниот модел на проширување е нефункционален и политички токсичен. Ако ветото се редефинира заради геополитичка нужност, тоа мора да важи еднакво за сите.

Симптоми на ист проблем – оваа Унија веќе не ја бидува

Секако, формално-правно, проширувањето и натаму останува во доменот на едногласноста. Ниту една институционална реформа нема да помине без сериозен отпор од државите што ветото го гледаат како последна линија на одбрана на националниот интерес.

Но, политиката ретко е само прашање на формализам – таа е и прашање на реалност и притисок.
А реалноста денес е јасна: ЕУ сака да биде геополитички актер, но тоа не може да биде со правила создадени за едно мирно и побавно време.

Европа со две брзини, укинување или ограничување на ветото, членство во фази – сето тоа се симптоми на ист проблем: Унијата мора да се менува за да опстане. Прашањето е дали ќе најде модел што ќе ја забрза без да ја подели, но и дали ќе има храброст истите принципи да ги примени еднакво – за Украина, за Балканот и за Македонија.

Поврзани содржини