МАКЕДОНИЈА ГО ЗАДРЖА КРЕДИТНИОТ РЕЈТИНГ ‘BB- СО СТАБИЛНИ ИЗГЛЕДИ Агенцијата „Стандард и Пурс“ очекува економски раст од околу 3,5% во 2026 година

30

Македонија доби потврда за спроведувањето на економските политики од меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“, која го задржа кредитниот рејтинг на земјата на нивото ‘BB- со стабилни изгледи, соопшти Министерството за финансии.

Потврдата на рејтингот претставува јасен сигнал за стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено и континуирано да ги сервисира своите финансиски обврски, како и да обезбеди континуитет во водењето на економските политики, дури и во услови на зголемена глобална економска неизвесност.






Во извештајот, „Стандард и Пурс“ нотира дека економскиот раст забрзува, поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во рамки на големите инфраструктурни проекти, како и од растот на приходите на домаќинствата преку зголемување на платите и пензиите.

Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,5% во 2026 година, додека на среден рок растот ќе се стабилизира околу 3%, со постепено зголемување на улогата на приватните инвестиции и надворешната побарувачка.

Агенцијата ја нотира и определбата на Владата за забрзување на економскиот раст преку реализација на крупни инфраструктурни проекти, како и заложбите за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на деловното опкружување, поефикасна наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.

Во извештајот се наведува дека политиките се насочени кон поддршка на домашната побарувачка, преку раст на платите и на пензиите, како и продолжување на фискалната консолидација.

Со усвоениот Буџет за 2026 година како што е наведено во извештајот се предвидува умерено намалување на буџетскиот дефицит, кој е проектиран на 3,5% од БДП, при задржување на високо ниво на капитални инвестиции.

Приходите се очекува да растат побрзо од расходите, како резултат на подобрена наплата и солидна економска активност, додека расходната страна останува ориентирана кон капитални инвестиции во инфраструктурата, како и плати, пензии и социјални трансфери.

Агенцијата оценува дека фискалната консолидација е во тек, иако јавниот долг останува повисок во споредба со периодот пред пандемијата.

„Стандард и Пурс“ во извештајот наведува дека надолните ризици поврзани со надворешното опкружување, особено економските движења во Европската Унија, се во голема мера избалансирани со отпорноста на домашната економија, стабилноста на финансискиот систем и претпазливиот пристап на монетарната политика.

Агенцијата во извештајот нотира дека понатамошниот напредок во спроведувањето на институционалните и структурните реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, може дополнително да ја зајакне економската и фискалната позиција на земјата и да придонесе за подобрување на кредитниот профил.

Кредитниот рејтинг на земјата се оценува двапати годишно од страна на „Стандард и Пурс“, како и од агенцијата „Фич“. Тој претставува клучен индикатор за инвеститорите при носењето одлуки за инвестирање, а го покажува степенот на ризик од инвестирање.

Поврзани содржини