Само на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ им одговара оваа самоубиствена мисија на Венко Камиказе Филипче!

Ако Филипче и паразитската параструктура околу него и натаму останат газди на Бихаќка после конгресот на 24 јануари, СДСМ сигурно ќе доживее уште еден катастрофален пораз на следните парламентарни избори – тоа е цената што ќе се плати за оваа бесмислена војна што Филипче ја води со новинари, со медиуми, со сопартијци, со сите.

1,685

Ајде, вака претконгресно, да расчистиме некои важни работи кои се однесуваат на актуелното раководство на СДСМ на чело со Венко Филипче.

Војната со медиумите и со новинарите, но и со своите сопартијци кои се осмелија да го критикуваат, Венко Филипче ја почна во екот на локалните избори, кога беше јасно дека партијата ќе доживее уште еден тежок дебакл.






Разумен и вешт политичар среде изборна кампања не се кара со новинари и со медиуми. Не се кара со никого. А и баш да мора да се кара, во никој случај тоа не го прави директно, со партиски соопштенија и дури и лично, од партиската говорница.

Од причини кои до ден денес не можам целосно да ги разберам, Венко Филипче, непромислено и штетно, а неверојатно ентузијастички, го прави токму спротивното.

При тоа, како што веќе многу пати докажавме, со прецизна лингвистичка и стилска форензика, а и со информации од „разузнавачки“ карактер кои допираат од Бихаќка, станува збор за смислена стратегија за политичко дејствување и за пропагандна кампања дизајнирана од белградски пи-ар експерти.

Стратегијата е прочитана. Пи-ар кампањата е посебна приказна. Луѓето гуглаат „соопштенија СДСМ“, на глас ги читаат тие памфлети – смешно преведени од српски на македонски јазик – и на глас се смеат. Читателите меѓу себе се поздравуваат со култните фрази „ништо не е случајно“, „разоткриени сме“, „сите ќе одговараме“.

Пишурија општа.

Но, да се вратам малку на темата „ММЕ кој прв почна“.

Војната со порталот Плусинфо, СДСМ ја објави меѓу двата изборни круга, со соопштение во кое изнесе клевети и навреди за медиумот, само затоа што на Бихаќка не им се допаднала точната вест дека Филипче прогласи лажно водство на четири свои градоначалници после првиот круг – а никој од тие четворица кандидати на СДСМ не поведе и никој не стана градоначалник. На нападот од Бихаќка одговорив со жестока колумна, во која на лидерот на СДСМ јавно му порачав дека после овој директен напад, сè меѓу нас е лично.

И да биде криво седи право збори, ете да кажам дека после овој прв „крвав“ инцидент, имаше обид да дојде до примирје. Сведочам јавно дека Венко Филипче ми се јави по телефон и ме праша што е тоа што меѓу нас двајцата станало лично. Во неколку збора му го објаснив мојот емотивен однос кон моите проекти и му реков дека можеби должам и подетално објаснување. Филипче предложи да се сретнеме. Бидејќи беше ден петок пред вториот круг на изборите, се договоривме да се видиме „од понеделник“. Човекот веќе не се јави. А кога почна канонадата напади со првото соопштение на СДСМ во кое бев наречен „Фрљо“ и со многу други погрдни изрази, ми стана јасно дека сме се разбрале и сме се договориле како што се договараат Путин и Зеленски.

Набрзо Венко Филипче влезе во војна и со други новинари и медиуми, кои исто така ги „почести“ со безочни и срамни навреди и со куп клевети.

Луѓето од СДСМ кои се осмелија јавно да настапат со критики кон раководството – Јован Деспотовски, Мирослав Шиповиќ и Петре Шилегов – беа грубо нападнати и наречени „квислинзи“ и „петоколонаши“, згора и наклеветени дека биле нечии должници, дека биле уценети и што ли уште не.

Јас сум прогласен за „координатор на сите напади“ насочени кон ова раководство на чело со Филипче. Во соопштенијата на СДСМ се проширија тешки небулози дека сум ги координирал дури и Деспотовски и Шилегов, иако е факт дека со двајцата не сум се видел ниту сум разговарал веројатно повеќе од една година. Како и да е, веќе се однесувам согласно со новата функција што ми е доделена – координирам, распоредувам дивизии, издавам наредби. Ти – то! Ти – то! Јас сум Тито, човече! Хахахаха. Ќе полудам и јас со овие…

Синоќа го отворив сајтот на СДСМ, уште еднаш да го погледнам составот на Извршниот одбор на СДСМ, да видам кој уште треба да се нападне пред конгресот. Покрај Филипче, нормално. Гледам, освен Јон Фрчковски, кој деновиве држел прес-конференција на оваа тема, ниту еден друг член на партискиот врв не се впуштил во ваква глупава и штетна расправија. Што се однесува до Јон Фрчковски, од моја страна и од страна на Плусинфо, момчето има третман на заштитено и толерирано лице – ако не го знаел тоа, еве сега да си знае и да го има предвид својот специјален статус.

Колку што мене ми е познато, ниту еден друг член на Извршниот одбор на СДСМ и ниту еден потпретседател не е дел од оваа самоубиствена мисија на Филипче. Барем не јавно. Ова е важно да се каже. Јас, пак, не сум во кавга со ниту еден член на Извршниот и на Централниот одбор на партијата. Ги исчитав сите имиња, голем дел од тие луѓе не ги ни познавам. Не сум во војна со ниту еден пратеник на СДСМ. И со ниту еден поранешен член на раководствата на СДСМ. Исклучок можеби е Зоран Заев, кого често го спомнувам во моите колумни и во јавните настапи, но факт е и тоа дека од негова страна засега нема никаква реакција.

Што сакам со ова да кажам?

Несомнено е во право Ивор Мицковски кога пишува дека „вакво арогантно, клановско, трибално, депотенцирано, искаљано, криминално и криминогено, тесно и финансиски зависно, просто и некултурно, караџиско, а испразнето од секаква политичка тежина и цел, освен личниот спас од кривична одговорност – е вакво штетно раководство, некогаш најголемата опозициска партија СДСМ не памети во својата историја“.

Потпишувам, но… Можеби треба да бидеме малку попрецизни. Јас мислам дека под зборот „раководство“ во случајов треба да се сметаат Филипче и неговиот спонзор Заев (иако вториов нема такво формално својство), можеби неколку молчаливци околу Венкота (не знам, не би можел да ги именувам), задолжително неколку клучни надворешни „стратези“ и пи-ар советници и поважните луѓе од пропагандата машинерија на СДСМ.

Значи, да биде јасно – единствениот човек што ја води оваа самоубиствена мисија, со формални овластувања во име на партијата СДСМ, е Венко Филипче. Голем дел од остатокот на реалниот раководен тим на Бихаќка, всушност, е една паразитска параструктура, којашто формално не е легитимирана на конгрес или на друг статутарно признат начин.

Без оглед на поддршката што Филипче може да си ја обезбеди на конгресот на 24 јануари – а се знае и како! – нема двојби дека тој е прилично осамен во оваа војна. Сите други имаат егзит сценарио, наратив со кој лесно ќе ја оправдаат својата епизодна ролја, само Венко нема. Тој е тој, како што се вели во едно од соопштенијата на Бихаќка, што легнува и станува со мислата кои новинари и медиуми ќе го нападнат, какви „токсични наслови“ ќе објават, што ќе сторат „петоколонашите“ и „квислинзите“, како да се „разоткријат“ сите „непријатели“, како да се препознае нивната „координираност“ и нивната божемна врска со ВМРО и на крајот, како со жестока контра да се нападнат – ама баш сите!

Не е убаво тоа што се случува со Венко Филипче и што веќе се изгуби и потребата и смислата да се убедува човекот дека никој со никого не е координиран, дека новинарите и медиумите си тераат свои агенди, дека баш никој за ништо не се договара со Деспотовски и со Шилегов, дека никој овде не игра пешачки фудбал со Жан Митрев и секако, дека никој за оваа работа сериозно не кова завера со ВМРО-ДПМНЕ.

Велам, нема смисла да се разубедува Филипче, бидејќи на него очигледно му е многу тешко, оти му се случило најлошото – тој изгледа почнал да верува во бајките од оние глупави соопштенија на СДСМ!

Венко се спуштил на нивото на белградскиот инфантилен автор на тие неверојатни памфлети, се соживеал со нив, ги повторува истите наративи, истите полуписмени и смешни реченици и фрази, кои не сум ги слушнал уште од времето кога бевме во комунизам. Кој бре денес зборува за „петоколонаши“ и „квислинзи“? Знае ли вопшто некој од помладите генерации зошто се вели петта, а не четврта или шеста колона, на пример? Знаат ли луѓето кој бил тој Квислинг? Добро, за Квислинг нешто ви објаснија изгубените во преводот од Бихаќка. А за колониве, се знае нешто? Е јас знам, ама не ви кажувам, за инает! Нека ви објасни тој „из Београда“.

И си вергла Венко така, влегува смело во „осиното гнездо“, од олимписките височини (кај што беше баш бог, човече!) пичи прудолу устремен кон овој брод, со одлучност на камиказе, решен дури и да загине ако е уверен дека неговата бесмислена смрт во авионот што се урива ќе означи макар симболична и морална победа на оние што се осудени да ја изгубат војната.

Каков лош филм… Страшно!

На крајот на ова мое последно писание на оваа тема пред конгресот на СДСМ, на Венко Филипче и на другите луѓе со легитимен мандат да одлучуваат за иднината на оваа партија, би сакал да им кажам една важна работа: постои само еден човек и само една партија на кои им одговара Венко Камиказе Филипче и таа паразитска параструктура околу него и натаму да останат газди на Бихаќка.

Да, погодувате, тоа се Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Знаете и зошто им одговара тоа – затоа што СДСМ на чело со Венко Филипче и неговата екипа ќе доживеат катастрофален пораз на следните парламентарни избори, кога и да се случат. После тие избори Филипче и паразитите бездруго на клоци ќе бидат избркани од Бихаќка, но какво фајде од тоа кога СДСМ ќе биде маргинална партија, без никаква политичка тежина и значење на македонската политичка сцена?

Размислете добро за ова, другарки и другарчиња од СДСМ!

Од вас зависи!

А сега, еднострано стапувам во претконгресен молк. На сите со право на глас и со чувство за одговорност, им посакувам успешен собир и исход кој ќе го означи почетокот на реформите и на преродбата на СДСМ.

Поврзани содржини