📽️ СУДИЈКА УДРИ БОРАЧ, А МАЈКА МУ ЈА ГРАБНА ЗА КОСА Скандал што го засени бугарското првенство

Финале во Сливен се претвори во хаос откако спорна судиска одлука предизвика физички инцидент.

243

Она што требаше да биде финале на државното првенство во борење во Бугарија, заврши како сцена од евтино реалити-шоу. Во Сливен, наместо медали и аплаузи, публиката доби – шамари, влечење за коса и целосен распад на спортскиот ред.

Сè почнало по спорна судиска одлука во финалето до 72 килограми, кога борачот на ЦСКА, Иво Илиев, видливо изнервиран, ја шутнал масата на судиите. Во тој момент, натпреварот дефинитивно излезе од контрола.






Во мешаницата што следеше, судијката Елина Васева, поранешна европска бронза од 2010 година, му зададе удар во лице на Илиев, што дополнително го вжешти амбиентот. Но тука приказната не завршува.

Во хаосот се вклучи и мајката на борачот, која буквално ја фати судијката за коса и почна да ја кубе, пред обезбедувањето да реагира и да спречи уште поголем инцидент. Публиката остана во шок, а снимките од настанот експресно се проширија на социјалните мрежи.

Илиев веднаш беше дисквалификуван од натпреварувањето, додека целиот турнир заврши во сенка на скандалот.

Судијката Васева подоцна изјави дека е затечена од ваквото однесување.

– Навистина не очекував ваква реакција. Го познавам Илиев со години, тој е докажан спортист. Вакво однесување е недозволиво за натпреварувач од таков калибар – рече Васева.

Со остра осуда се јави и претседателката на Бугарската федерација за борење, легендарната Станка Златева, која не штедеше зборови.

– Ова е срам за спортот. Одвратно однесување. Луѓе што се однесуваат вака не треба да имаат никаква врска со борењето. Токму ваквите сцени го уриваат угледот на спортот – порача Златева.

Наместо борба за титула, бугарското првенство ќе се памети по нешто сосема друго, како натпревар на кој спортот изгуби, а циркусот победи.

Поврзани содржини