МЕДИУМИТЕ НЕ СЕ ПОЛИТИЧКИ ПРОТИВНИЦИ Остра реакција на АВМУ за однесувањето на СДСМ кон новинарите

АВМУ изрази сериозна загриженост поради јавни напади и етикетирања на новинари и медиуми од страна на СДСМ, предупредувајќи на ризици за демократијата и медиумската слобода.

282

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост поради, како што наведува, континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми.

Од Агенцијата потсетуваат дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност претставуваат темелни демократски вредности, кои мора да бидат почитувани, особено во јавната комуникација што доаѓа од политички субјекти.






„ Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите“, се наведува во соопштението на АВМУ.

Агенцијата нагласува дека медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие, како што се истакнува, треба да имаат можност непречено, слободно и без какви било притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси.

Во соопштението, АВМУ упатува и јасен апел до сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите, и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.

Поврзани содржини