НЕ ПОТКЛЕКНУВАЈТЕ НА ЛАЖНИТЕ ПОРАКИ Лажни истраги за педофилија и дрога во е-маил од БЈБ
Лажни е-маил пораки во име на директорот на БЈБ се обид за измама, МВР апелира на внимателност.
Во последните денови, МВР регистрира зголемен број пријави од граѓани кои добиле електронски пораки наводно испратени од директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, или од Единицата за сајбер безбедност.
Во пораките, примачите се предупредуваат дека се предмет на кривични истраги за сериозни злосторства како детска порнографија, педофилија или трговија со дрога и им се наложува да се јават во полициска станица или да испратат повратен емаил во рок од 24 часа. Целта на овие пораки е да се добијат лични податоци на граѓаните, кои измамниците понатаму можат да ги злоупотребат.
МВР нагласува дека овие пораки се лажни и не се испратени од БЈБ или од одделението за сајбер криминал и безбедност. Истражни покани од МВР никогаш не се испраќаат преку електронска пошта. Воедно, лошиот превод и граматичките грешки во пораките се јасен знак дека станува збор за измама.
Министерството апелира до граѓаните:
– Не отворајте сомнителни пораки од непознат испраќач.
– Не контактирајте го испраќачот и не споделувајте лични податоци.
– Не кликнувајте на линкови или прилози кои доаѓаат со такви пораки, за да го заштитите вашиот компјутер и личните информации.
– Сите граѓани кои се сомневаат дека добиле ваква порака, треба да се обратат до МВР и да ја пријават.