ДАНСКА Е ФАВОРИТ, НО МАКЕДОНИЈА НЕ СЕ ПРЕДАВА „Црвено-жолтите“ вечерва ја почнуваат европската битка

Македонските ракометари со борбен дух и верба во сопствените сили вечерва го почнуваат Европското првенство против кодомаќинот Данска

1,076

Македонија вечерва излегува на големата европска сцена без страв и без калкулации. Со срце, со верба и со јасна порака дека ниту еден противник, без разлика колку е моќен, не е недостижен. Во Хернинг, од 20:30 часот, „црвено-жолтите“ го почнуваат Европското првенство против кодомаќинот и еден од главните фаворити – Данска.

Реалноста вели дека Данска е ракометна сила, селекција навикната на злато, притисок и полни трибини. Но ракометот отсекогаш бил спорт во кој Македонија знаела да изненади, да се издигне над очекувањата и да покаже карактер кога е најтешко. А токму тоа го носат избраниците на селекторот Кирил Лазаров – генерација што не бега од предизвици.






Македонската репрезентација веќе неколку денови е во Данска, каде сериозно се подготвува за стартот на шампионатот. Во вторникот, како последна проверка, беше одигран и контролен натпревар против Митјиланд, кој нашите ракометари го добија – сигнал дека формата расте и дека тимот е подготвен за големата битка.

Ова не е првпат Македонија да стартува европски шампионат токму во Хернинг против Данска. Истата сцена ја видовме и во 2014 година. Но секој турнир е нова приказна, секој натпревар нова можност да се испише историја.

Дуелот е дел од групата Б, во која се уште Португалија и Романија. Во првиот денешен натпревар од 18 часот ќе се сретнат токму овие две селекции, додека Македонија во следните денови ја продолжува борбата – во недела од 18 часот против Португалија, а во вторник во истиот термин против Романија.

Пласман во следната фаза ќе обезбедат двете првопласирани селекции од групата, а Македонија во овој шампионат не влегува со наведната глава, туку со исправен став и желба да се бори до последна секунда.

Поврзани содржини