ГАШИ ОЧЕКУВА БРЗО РЕШЕНИЕ ЗА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ Ќе се повтори огласот за избор на член на Судскиот совет предложен од Собранието?

52

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска изјави дека треба да се повтори огласот за избор на нов член на Судскиот совет предложен од Собранието бидејќи, како што посочи, има нов Закон за Судскиот совет. Собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата веќе го изгласа инспекторот за прекршоци во тетовската полиција Аљбан Кадриу за нов член на Судскиот совет, кој треба да го замени Селим Адеми.

Гаши нагласи дека тоа е работа на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата и таа треба да донесе одлука да се повтори огласот.






– Ќе треба да ги прашате претседателот и членовите на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата. Најверојатно се на мислење да се повтори огласот затоа што веќе имаме нов закон и ќе треба сите членови да се изберат по новиот закон. Но, тоа мора да го донесат како одлука претседателот и членовите на Комисијата за изборите и именувањата. Сепак, работа е на Комисијата за изборите и именувањата. Кај нив треба да се обратите. Но, како битен момент за кој сме разговарале е токму моментот што имаме нов Закон за Судскиот совет и тој веќе ги менува правилата на игра – рече Гаши.

Коментирајќи ја вчерашната лидерска средба, Гаши ја оцени како конструктивна. Очекува денеска да се сретнат координаторите на пратеничките групи за да ги усогласат законите за кои се договориле да бидат донесени побрзо.

– За лидерската средба, јас сум запознаен од вас новинарите преку нивните изјави. Она што го разбрав од моите колеги, кои беа дел од лидерската средба, е дека таа била исклучително конструктивна. Очекувам дека денеска ќе има средба на координаторите во Собранието и ќе почнат со работа да ги усогласат законите за кои се договориле да ги донесат што побргу. Исто така, и за народниот правобранител. Можно е денеска-утре да имаме решение. Тоа ќе произлезе од координаторите – истакна Гаши.

Поврзани содржини