ТРАМП ЈА ПОВИКА КУБА ДА НАПРАВИ ДОГОВОР ПРЕД ДА БИДЕ ПРЕДОЦНА „Звучи добро – Рубио ќе биде претседател на Куба“
Доналд Трамп ја повика Куба да „направи договор пред да биде премногу доцна“, предупредувајќи ја оваа земја дека повеќе нема да добива нафта ниту пари од Венецуела.
Американскиот претседател, кој претходно изјави дека „Куба е подготвена да падне“, минатата недела навести можност за промена на режимот на комунистичка Куба под водство на Америка, нарекувајќи го островот „нација која многу лошо пропаѓа“.
Венецуела е најголемиот снабдувач на нафта за Куба и се верува дека испраќа околу 35.000 барели нафта дневно на островот. Меѓутоа, откако САД го заробија Николас Мадуро, Трамп успешно изврши притисок врз привремената претседателка Делси Родригез да ја испраќа венецуеланската нафта во САД.
Денеска (недела) тој порача дека „повеќе нема да има нафта ниту пари кои одат за Куба“, велејќи ѝ на таа земја да склучи договор со САД. Во објава на својата мрежа Truth Social, Трамп напиша:
„Куба со години живееше од големи количини нафта и пари од Венецуела. За возврат, Куба обезбедуваше ‘безбедносни услуги’ за последните двајца венецуелански диктатори, но повеќе не! Повеќето од тие Кубанци загинаа во нападот на САД минатата недела, а на Венецуела повеќе не ѝ е потребна заштита од силеџиите и уценувачите кои со години ги држеа како заложници. Венецуела сега ги има Соединетите Американски Држави, најмоќната војска на светот (убедливо!), да ги штити, и ние ќе ги штитиме. Повеќе нема да има нафта ниту пари кои одат за Куба – нула! Искрено им сугерирам да направат договор, пред да биде премногу доцна. Ви благодарам на вниманието по ова прашање. Претседател ДЈТ.“
Претходно во неделата, Трамп сподели објава во која се сугерираше дека американскиот државен секретар Марко Рубио, чии родители се со потекло од Куба, би можел да стане претседател на Куба. Трамп ја сподели таа објава, во која пишуваше „Марко Рубио ќе биде претседател на Куба“, со коментар: „Мене ми звучи добро!“
Неговите забелешки доаѓаат една недела откако американските сили го фатија авторитарниот лидер на Венецуела, Николас Мадуро, во операција во Каракас, во која загинаа десетици припадници на венецуеланските и кубанските сили за безбедност.
Куба и Венецуела со децении уживаат во блиски врски и споделуваат политичка визија за социјализам воден од државата. Под американско трговско ембарго, Хавана од 2000 година сè повеќе се потпираше на венецуеланската нафта обезбедена во рамки на договорот постигнат со претходникот на Мадуро, Хуго Чавез.
Трамп повеќепати ги провоцираше кубанските лидери, тврдејќи дека „изгледа како системот да се урива“.
– Мислам дека Куба е нешто за што на крајот ќе разговараме, бидејќи Куба во моментов е пропадната нација, нација која многу лошо пропаѓа, а ние сакаме да им помогнеме на луѓето. Тој систем не беше баш добар за Куба. Тамошниот народ страда долги години – рече Трамп минатата недела на прашањето дали операцијата во Венецуела содржи порака за овој остров.
Откако Џо Бајден минатата година ја отстрани Куба од листата на држави спонзори на тероризмот, Трамп брзо ја врати таа ознака во текот на своите први денови на функцијата и повторно воведе економски санкции. Односите меѓу САД и Куба остануваат затегнати бидејќи островската држава е под строго ембарго, што спречува стоките да стигнат до социјалистичката држава.
Марко Рубио ги засили критиките на Трамп, предупредувајќи го раководството на таа нација дека треба да биде загрижено.
– Доволно е да се каже дека Куба е катастрофа. Ја водат некомпетентни, сенилни луѓе. Да живеев во Хавана и да бев во владата, би бил загрижен, барем малку – рече Рубио.
За време на рацијата на Трамп во Венецуела со цел извлекување на Мадуро, загинаа 32 Кубанци кои го бранеа. Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел изјави дека силите го штителе Мадуро и неговата сопруга на барање на Венецуела. Тој рече дека инцидентот бил „неприфатливо, вулгарно и варварско киднапирање“.