АВСТРАЛИЈА Е ВО ПЛАМЕН Над 300.000 хектари изгорени, илјадници пожарникари на терен

Шумските пожари во австралиската држава Викторија уништија десетици домови и зафатија стотици илјади хектари, додека властите предупредуваат на екстремни услови и нови ризици.

474

Илјадници пожарникари се борат со големите шумски пожари во австралиската држава Викторија, кои уништија домови, зафатија огромни површини со ниска вегетација и грмушести предели и предизвикаа прекини во снабдувањето со електрична енергија за десетици илјади жители.

Поголемиот дел од пожарите избувнале во средината на неделата, за време на интензивен топлотен бран во југоисточна Австралија. Досега се зафатени повеќе од 300.000 хектари грмушести предели, соопштија властите утрово, додавајќи дека десет големи пожари сè уште се активни низ целата држава.






Според официјалните информации, уништени се повеќе од 130 објекти, вклучувајќи и станбени куќи, а околу 38.000 домови и деловни објекти останале без електрична енергија. Властите наведуваат дека станува збор за најтешките пожари во Викторија од таканареченото „Црно лето“ во периодот 2019–2020 година, кога шумските пожари зафатија област со големина на Турција и одзедоа 33 човечки животи.

Премиерката на Викторија, Џасинта Алан, изјави дека илјадници пожарникари се распоредени на терен и дека приоритет е ограничување на ширењето на огнената стихија.

– Каде и да можеме, ќе направиме сè за да ги ставиме пожарите под контрола – рече Алан на прес-конференција во главниот град на државата, Мелбурн.

Претходно, австралискиот премиер Ентони Албанезе предупреди дека земјата се соочува со ден на „екстремни и опасни“ шумски пожари, особено во Викторија, каде што голем дел од територијата е прогласен за „зона на катастрофа“.

– Моите мисли се со Австралијците во погодените регионални заедници во ова исклучително тешко време – изјави Албанезе во телевизиско обраќање до нацијата од Канбера.

Еден од најголемите пожари беснее во близина на градот Лонгвуд, околу 112 километри северно од Мелбурн, каде што досега се изгорени околу 130.000 хектари грмушеста земја. Во пожарот се уништени околу 30 објекти, како и бројни лозја и обработливи површини, соопштија властите.

Десетици заедници во близина на пожарите се евакуирани, а многу државни паркови и кампови се затворени. За денеска е издадено предупредување за топлотен бран за големи делови од Викторија, додека предупредувања за висок ризик од пожари се во сила и за соседниот Нов Јужен Велс и Австралиската престолнинска територија, изјави главниот метеоролог на државата.

Поврзани содржини