📽️ НАСКОРО СКИЈАЊЕ НА ПОПОВА ШАПКА Снег има, патеките подготвени

Со импресивно видео од заснежената планина, Ски Центарот „Попова Шапка“ најави дека сè е подготвено за старт на новата зимска сезона

424

Ски Центарот „Попова Шапка“ ги прави последните подготовки за отворање на ски-сезоната 2026, најавувајќи нова зима исполнета со снег, спорт и планинска забава. На официјалната фејсбук-страница на центарот беше објавено видео кое ги прикажува интензивните активности на терен, со порака дека сè е подготвено за пречек на љубителите на зимските спортови.

На видеото може да се видат ратраците како ги уредуваат и подготвуваат ски-патеките, додека Попова Шапка е целосно прекриена со снег. Вработените во ски-центарот ги тестираат патеките пред пристигнувањето на гостите, проверувајќи ја безбедноста и условите за скијање, а воедно упатуваат и повик до сите љубители на снегот да им се придружат на почетокот на сезоната.






„Ние сме подготвени! Ски-сезоната 2026 во Ски Центарот ‘Попова Шапка’ наскоро се отвора“, стои во објавата на центарот, придружена со импресивни кадри од заснежената планина.

Попова Шапка важи за едно од најпопуларните зимски одморалишта во Македонија, привлекувајќи домашни и странски туристи, професионални скијачи, но и рекреативци. Со најавеното отворање на сезоната, центарот повторно се подготвува да биде едно од главните места за зимски туризам, спорт и забава.

Точниот датум за официјалниот старт на ски-сезоната ќе биде дополнително соопштен, а од ски-центарот ги повикуваат посетителите редовно да ги следат нивните официјални канали за најнови информации за условите на патеките и содржините што ги нуди Попова Шапка оваа зима.

Поврзани содржини