МАКЕДОНИЈА ВО СВЕТСКИОТ ВРВ Меѓу топ 50 извозници на фудбалери во последните пет години

Извештај на ЦИЕС покажува дека 182 фудбалери родени во Македонија настапувале во странство од 2020 до 2025 година, најголем дел во Европа.

283

Македонија се најде меѓу топ 50 земји во светот по извоз на фудбалери во последните пет години, покажува најновиот извештај на Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС), со седиште во Швајцарија.

Според анализата која го опфаќа периодот од 2020 до 2025 година, вкупно 182 фудбалери родени во Македонија настапувале во странство, од кои дури 180 играле во европски клубови, што ја потврдува ориентацијата на македонските играчи кон европските првенства.






Во вкупниот светски пласман, Македонија се наоѓа на 49. место според бројот на фудбалери кои настапувале надвор од границите на државата, додека на европско ниво е на 39. место според бројот на играчи кои во изминатите пет години играле во европски лиги. Во споредба со останатите европски земји, Македонија е на 30. место по бројот на извезени фудбалери.

Овие бројки, иако скромни во споредба со фудбалските велесили, покажуваат дека македонскиот фудбал континуирано создава играчи кои добиваат шанса надвор од домашното првенство, најчесто во клубови од Европа.

Во апсолутни бројки, Бразил е убедливо најголем светски извозник на фудбалери, со 3.020 играчи кои настапувале во странство во анализираниот период. По него следуваат Франција (2.293), Аргентина (2.171), Англија (1.151), Шпанија (1.106), Германија (1.095), Колумбија (1.077), Нигерија (926), Србија (915) и Хрватска (855).

Извештајот на ЦИЕС уште еднаш ја потврдува глобалната мобилност на фудбалерите, но и потенцијалот на помалите земји, како Македонија, да бидат дел од меѓународниот фудбалски пазар

Поврзани содржини