ФИЛИПЧЕ НАЈДЕ НОВ ИЗГОВОР ЗА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА Таа ќе била гаранција дека Сејф сити нема да ја следи опозицијата во кампањата
Венко Филипче покажа дека сѐ добро во и за државата му смета. Му сметаат реформите во правосудството, во безбедноста, слободата на изразување, како и напредокот на државата, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче не одбива само лидерска средба, одбива дијалог и подадена рака за градење политички консензус за државните интереси, реагира ВМРО-ДПМНЕ откако лидерот на СДСМ не ја прифати поканата на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба.
„СДСМ и Филипче, кои од уста не ја вадат европската интеграција на Македонија, денеска уште еднаш покажаа дека нив тоа не ги интересира, дека тоа им е пропаганда за гола политика. Затоа што на лидерската средба, на која Филипче одбива да биде дел, ќе се разговара за реформските закони кои се дел од реформската агенда за ЕУ која има за цел унапредување на економскиот раст и стабилноста на државата. Венко Филипче покажа дека сѐ добро во и за државата му смета. Му сметаат реформите во правосудството, во безбедноста, слободата на изразување, како и напредокот на државата“, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека на денешниот брифинг со новинарите Филипче потврдил дека го интересира само неговата партиска фотелја во СДСМ која, како што наведуваат, верно му ја чува на неговиот ментор и верен другар од лудите журки по Дубаи и Халкидики.
„Го разбираме зошто е против реформите во правосудството и во обвинителството. Затоа што до коска е исплашен од чистењето на кадрите бирани од Бихаќка, кои го штитат од одговорност за криминалот од 20% провизија за модуларните болници, кој во Тетово го зеде данокот од 14 живи изгорени луѓе за само две минути. За тендерите за набавка на јаглен за ЕСМ на фирма која нему му подарила луксузен џип ‘ауди“, за вакцините во корона периодот кои сакаше да ги набави по цена двојно повисока од пазарната и тоа од компанија за тропско овошје и ред други. На Филипче му пречи и слободата на говорот на новинарите кои поставуваат легитимни прашања и бараат ставови и одговори за разни области, па така немајќи аргументи и одговори, новинарите, кои самиот ги викнал на брифинг, ги навредува дека шират пропаганда“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека на Филипче му пречи и системот Сејф сити, кој се подготвувал долги години и кој, во овој пробен период, покажа дека е многу ефикасен во гарантирањето на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, но и во утврдувањето на сторителите на сообраќајни прекршоци.
„На Македонија не ѝ треба ваква опозиција, која е против сѐ само за да биде против. Време е Филипче да се надмине себеси, затоа што државата има потреба од одговорни и сериозни политичари“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинарите повтори дека нема да има „средба со криминалци“ и дека техничката влада мора да остане, затоа што, како што рече, таа може да се укине „само тогаш кога ние би биле зрело општество, а ние тоа сега во овој момент не сме.“
– Не смее да се укине техничката влада, затоа што тоа е единствена можност за чесни и фер избори. Тие не ја сакаат техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите злоупотреби и во целиот коруптивен систем. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа за оваа власт ќе значи отворање на Пандорината кутија – рече Филипче.
Според него, технички министер за внатрешни работи од опозицијата е гаранција дека системот Сејф сити нема да се злоупотреби за следење на граѓаните или на опозицијата за време на кампањата, како и дека „легализација на масовен надзор, преку системот Safe City, со 65.000 камери, овозможува дигитален надзор на движењата на граѓаните“.
На новинарско прашање дали би учествувале на избори доколку власта ги направи потребните измени во Законот за влада, односно ја укине техничката влада, Филипче рече дека СДСМ апсолутно би учествувал на избори.
-Да апсолутно, ќе учествуваме на секакви избори и ќе се бориме со сите деморкатски средства против оваа недемократска власт. Но, се поставува друго прашање кое произлегува од ова – зошто би ја укинал сам техничката влада ако се знае дека се носи со консензус – рече лидерот на СДСМ.