АКО СЀ ОДИ ПО ПЛАНОТ, ГОДИНАВА „АКСА“ ЌЕ СЕ ПОСТАВИ КАМЕН ТЕМЕЛНИК ЗА ГАСОВОД Инвестицијата е вредна милијарда евра
Премиерот Христијан Мицкоски очекува на 12 јануари да има состанок на кој дефинитивно ќе бидат констатирани приоритетите со сопственикот и менаџментот на компанијата „АКСА“ за најавената инвестиција од една милијарда евра во гасификација и конечно, ако сѐ оди според планот на есен, да се постави камен-темелник во 2026 година.
За најавената гасификација и инвестицијата на гигантот „АКСА“, Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на нова детска градинка во Кочани, рече дека физибилити студијата е направена од реномирана светска куќа, параметрите се јасни и приоритетите се дефинирани.
– Но истовремено сакам да ја информирам јавноста дека не е само овој проект со вредност до една милијарда евра. Имаме уште неколку проекти кои се работат и се разработуваат во делот на гасната инфраструктура и когенеративните гасни централи. Очекувам наскоро и за нив, преку прес-конференција, да ги информираме граѓаните што е тоа што е сработено – изјави Мицкоски.
Енергетските компании „АКСА“, кои се дел од турската компанија „Казанчи Холдинг“ со која Владата претходно потпиша меморандум за соработка, е водечка турска компанија со над 25 години искуство, работи со инсталиран капацитет од над 3.500 MW во осум земји и во 22 земји на четири континенти.
Со нив, како што беше претходно објавено, има план за изградба на секундарна гасоводна мрежа, топловодна мрежа и когенеративните централи со 500 MW инсталиран капацитет кои произведуваат 4,1 TWh електрична енергија и 720 GWh топлинска енергија на годишно ниво – инвестиција од над една милијарда евра.