УСЛОВНА КАЗНА ЗА УПАДОТ ВО „ИНФОМАКС“ Напаѓачот призна вина за насилството, судот предупреди на закана по слободата на говорот

Судот оцени дека со инцидентот била загрозена безбедноста на новинарите и правото на јавноста да биде информирана, но изрече условна казна поради здравствената состојба на обвинетиот.

113

Судот во Скопје донесе условна пресуда за упадот и насилството во просториите на редакцијата на „Инфомакс“, оценувајќи дека со настанот била загрозена безбедноста на новинарите и директно нападната слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.

Обвинетиот Горан Спасов од Скопје беше прогласен за виновен за кривичните дела насилство и спречување службено лице во вршење службено дејствие. Судот му изрече условна казна затвор од две години, која нема да се изврши доколку во наредните пет години не стори ново кривично дело.






Покрај условната осуда, на Спасов му е изречен и заштитен надзор во траење од четири години, во чии рамки е задолжен да се подложи на лекување или социјална рехабилитација во соодветна специјализирана установа. Доколку не ги почитува обврските, казната затвор ќе биде активирана.

За време на судската расправа, обвинетиот целосно ги призна делата што му се ставаа на товар, им се извини на оштетените новинари кои присуствуваа во судницата и изрази каење за стореното.

Судот при одмерување на казната посочи дека ваквите дела сериозно го нарушуваат јавниот ред и чувството на сигурност кај граѓаните, а во конкретниот случај дополнително е загрозена и безбедноста на новинарите.

Во образложението на пресудата, судот нагласи дека спречувањето на новинарите во вршењето на нивната работа не претставува напад само врз поединци, туку и врз правото на целата јавност да биде навремено и точно информирана.

„Станува збор за сериозен напад врз јавниот интерес, слободата на говорот и демократскиот поредок“, се наведува во судската оценка.

Како олеснителни околности, судот ги земал предвид личните и семејните прилики на обвинетиот, фактот дека досега не бил осудуван, како и неговата здравствена состојба. Според наодот на судски вештак – психијатар, Спасов боледува од шизотипно растројство, кое влијае на контролата на импулсите и бара континуирана терапија.

Судот оцени дека со условната осуда, заштитниот надзор и задолжителното лекување ќе се постигнат целите на казнувањето – превенција, ресоцијализација и заштита на јавниот интерес.

ПОРТАЛОТ ИНФОМАКС ОБЈАВИ ДЕКА ИМАЛ НАСИЛЕН УПАД ВО СТУДИОТО Емисијата била прекината, интервенирала полицијата

НАПАЃАЧОТ НА ИНФОМАКС БИЛ ЛЕКУВАН ВО ПСИХИЈАТРИЈА БАРДОВЦИ Полицијата го уапси, му следува кривична пријава

ПОКРЕНАТО ОБВИНЕНИЕ ЗА УПАДОТ ВО РЕДАКЦИЈАТА НА „ИНФОМАКС“ Еве што го разгневило напаѓачот

Поврзани содржини