НАСТАВНИЦИТЕ ДОБИВААТ ПОВИСОКИ ПЛАТИ Мотив за професионалците и нови стандарди за образованието во 2026 година
Министерката Весна Јаневска најави покачување на платите за наставниците, нов концепт на државна матура и значајни инвестиции во инфраструктурата за 2026 година.
Министерката за образование Весна Јаневска денеска на брифинг со новинарите најави дека од март идната година наставниците ќе почнат да ја добиваат договорената покачена плата, која ќе се движи од 7,5 до 10 проценти, во зависност од пресметките. Покачувањето е дел од процесот за мотивирање на наставниот кадар и претставува остварување на она што досега не било успешно реализирано.
– Тоа е мотив за наставниците. Тоа што досега не е успеано да се направи, ние го направивме. Дополнителен мотив за наставниците е кариерното натпреварување. Горда сум на успехот кој го постигнавме, што беше и нотирано во извештајот на Европската комисија – изјави Јаневска.
Во 2025 година беа спроведувани два вида на државна матура: стручна и гимназиска. Кај стручната матура, прашањата беа прилагодени на наставниот материјал што го изучуваат учениците, додека концептот на гимназиската матура остана непроменет. Исто така, учениците од средните стручни училишта добија можност да полагаат државна матура, дури и ако не планираат да продолжат на факултет во струката за која се школувале.
За следната година се планирани 166 инвестиции во инфраструктурата на училиштата, поголем буџет за наука, значајни промени во средното стручно образование, нов концепт на државна матура со два типа – стручна и гимназиска, како и нови закони за високото образование.
– Имаме учебници на кои учениците и наставниците не се жалат. Направивме многу – седум закони имавме, а спремни се следните седум. Не секогаш од министерството и од министерот зависи како ќе се одвиваат работите, но се надевам дека ќе се одвиваат во најдобар ред – рече министерката.
Во 2026 ќе продолжи воведувањето едносменска настава, досега 200 училишта се опфатени со овој процес, а етапно ќе се воведува и електронското свидетелство.
Во делот на науката, континуираниот раст на буџетот резултира со значаен исчекор, а Европската комисија првпат дала позитивна оценка за оваа област.
За високото образование, новиот закон ќе биде поставен за дискусија на Електронскиот национален регистар на прописи до крајот на годинава. Новата легислатива носи построги критериуми за напредување во академски звања и за реизбор на универзитетските професори. Досега се затворени 14 институти поради неправилности, а контролите ќе продолжат и во наредната година.
Исто така, Јаневска најави нов софтвер за откривање на препишани трудови – plagijati.mon.gov.mk и воведување „ѕид на срамот“ на кој ќе се објавуваат несоодветни магистратури и докторски трудови, како дел од борбата против академската несоодветност.
Министерката информираше и дека во напредна фаза е решението за довршување на објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура во близина на Ректоратот на УКИМ. Објектите ќе имаат модерна фасада и ќе бидат споени со мост, а тендерот за репроектирање ќе биде објавен следната недела.
– Напредуваме во сите области и почнуваме да го реализираме она што требаше многу порано. Во 2026 година образованието ќе продолжи да се развива, со модернизација на инфраструктурата, покачување на платите и нови стандарди за учениците и наставниците – заклучи Јаневска.