ТРАМП ПОНУДИЛ 15 ГОДИНИ ГАРАНЦИИ, НАМЕСТО 30, 40, 50… Зеленски сака средба во Киев, ќе има и нов повик Трамп-Путин?
Му реков (на американскит претседател) дека имаме војна која трае речиси 15 години и дека би сакал гаранциите да траат подолго. Разговаравме и за можност од 30, 40, па дури и 50 години. Тоа би било историска одлука на претседателот Трамп, изјавил лидерот на Украина пред новинарите.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски за новинарите изјавил дека во документите за безбедносните гаранции за Украина кои ги договорил со Доналд Трамп се споменува рок од 15 години, со можност за продолжување, пишува „Гардијан“ цитирајќи ја Ал Џезира.
– Му реков дека имаме војна која трае речиси 15 години и дека би сакал гаранциите да траат подолго. Разговаравме и за можност од 30, 40, па дури и 50 години. Тоа би било историска одлука на претседателот Трамп – изјавил Зеленски пред новинарите.
Лидерот на Украина додал и дека Трамп ветил дека ќе размисли за идејата.
Зеленски најавил и дека сака Украина да биде домаќин на средба со американски и европски претставници „во наредните денови“, каде би се доработиле документите за мирот.
– Сакам состанокот да се одржи во Киев и ќе направиме сè тоа конечно да се случи во Украина – изјавил тој, нагласувајќи дека средбата ќе биде на советничко ниво.
Украинскиот лидер објаснил дека преговори со Русија ќе следат само ако САД и Европа се согласат околу украинскиот мировен план.
Трамп, пак, вчера изјавил дека „тројна средба“ меѓу Русија, Украина и САД е можно да се одржи „во вистински момент“, додавајќи дека Владимир Путин „сака тоа да се случи“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, потврдил дека двајцата претседатели наскоро повторно ќе имаат телефонски разговор.
– Ќе има нов повик Трамп–Путин, многу наскоро – изјавил Песков, потсетувајќи дека двајцата веќе разговарале пред средбата на Трамп со Зеленски на Флорида.
Трамп претходно напишал на „Truth Social“ дека неговиот 75-минутен разговор со Путин бил „добар и мошне продуктивен“.
Кремљ во понеделник, 29 декември, соопшти дека Украина мора да ги повлече своите воени сили од деловите на Донбас што сè уште ги контролира, доколку навистина сака мир. Во спротивно, „ќе изгуби уште повеќе територија“, предупредиле од Москва.