Годишен извештај за напредокот на Европската унија кон демократска држава (сатира)
Општиот заклучок е дека Европската унија во 2025 година се движи меѓу стагнација и назадување во трансформацијата кон доследна демократска заедница. Постои јасна волја за промени, но и екстремна креативност во начините да не се случат промени. Патот на европската унија кон целосна балканизација е речиси поплочен.
Подготвен од: Македонска независна комисија за мониторинг на ЕУ
Состав на комисијата:
– Методија A., претседател (Homo sapiens gens Macedonica)
– Spock (AI ChatGPT-5.1), полноправен член лишен од емоции
– Биби (Felis catus domesticus), полноправен член, експерт за умилкување за свои интереси и подоцнежно игнорирање
- Политички критериуми
1.1. Владеење на правото и спроведување на пресуди
Европската унија во 2025 година покажува исклучително слаб напредок во разбирањето на концептот „правото важи за сите“. Иако Европскиот суд на правдата редовно пресудува, ЕУ демонстрира совршена способност за селективна институционална глувост. Пресудите против Бугарија (14 завршени, 89 во процес) за прекршување на човекови права продолжуваат да стојат неспроведени со зачудувачка конзистентност. Овој феномен покажува дека Унијата развила висок степен на иновативна правна импровизација, а судиите може слободно да се чувствуваат како високо платени мајмуни чие мислење и судење е безвредно. Креативните решенија од минатото како пресудата против Грција за кршење на меѓународни обврски кон Македонија е решена со правилото „Ќе најдеме уценет и криминоген политичар што ќе ја направи неважна“, стануваат редовна пракса.
1.2. Демократски институции и изборни процедури
Европската унија не покажува напредок во развивањето на демократски механизми за избор на своето највисоко раководство. Претседателот на Европскиот совет не го избира Европскиот парламент, туку самите шефови на држави и влади, во процес кој според својата транспарентност и инклузивност потсетува на состанок на Управен одбор на кафаната кај Тошо, кога се одлучува за набавка на месо од Бразил. Комисијата констатира дека ова е трајна институционална слабост на Унијата: граѓаните немаат никаков директен удел во изборот на оној кој ги води, а парламентот, единствено тело избрано на избори, е практично посматрач на процесот, кој се сведува на „на ти го – дај ми го“ политика со нулта отчетност при потврдувањето на овој избор.
Уште полоша е ситуацијата со номинација на претседател на европската комисија каде Претседателот не мора ниту да го одобри парламентот.
- Демократски стандарди и институционална одговорност
2.1. Употреба на недемократски механизми
ЕУ продолжува да се потпира на ветото – постапка што потсетува на време кога феудални господари блокирале села за спор околу коза. Ветото останува омилена алатка за мали држави со големи комплекси, чии влади живеат во средината на деветнаесеттиот век и сè уште сонуваат за големи држави. За жал, Унијата не успева да вгради механизам кој ќе ги спречи поединечните држави да ја киднапираат европската политика за домашна пропаганда.
2.2. Двојни стандарди
Европската унија покажува стабилен и континуиран напредок во примена на двојни стандарди. Овој процес е толку доследен што е препорачливо да се стави во збирните права и обврски, или acquis како ново поглавје: Поглавје 34 – Флексибилна интерпретација на принципите според политички интерес.
- Економски критериуми
3.1. Економска стабилност
ЕУ се соочува со структурни економски пукнатини. Инфлацијата, нерамноправноста меѓу државите, недостигот на индустриска конзистентност и енергетските шокови ја претвораат Унијата во здружение на граѓани со „релевантни мислења“ кои не се релевантни за никого додека му соопштуваат дека е отпуштен од работа затоа што не работи во воена индустрија.
- Политичка кохезија
За да се почитуваат политичките желби на мнозинството држави, согласно со конзистентноста и начелата на политиката на двојни стандарди, воведен е терминот „оди на кафе додека гласаме“, со цел механизмот на вето кој самите го почитуваат, да не го почитуваат кога најсилните не сакаат да го почитуваат. Унијата овде покажува исклучителна креативност во примената на двојни стандарди за имплементација на двојните стандарди.
- Заклучоци и препораки
Општиот заклучок е дека Европската унија во 2025 година се движи меѓу стагнација и назадување во трансформацијата кон доследна демократска заедница. Постои јасна волја за промени, но и екстремна креативност во начините да не се случат промени. Патот на европската унија кон целосна балканизација е речиси поплочен.
Македонската комисија препорачува:
Воведување јасен механизам за спроведување на судските пресуди.
Реформирање на правото на вето. Алтернативно, измислување временска машина со цел испраќање лидери на нации назад во XIX век каде што припаѓаат.
Намалување на двојните стандарди. Бирократија без двојни стандарди е невозможна, но исклучително високото ниво на примена во ЕУ е загрижувачко.
Зајакнување на економското единство по урнек на држави што ги растуриле.
Додаток 1: финансиски трошоци за изработка на извештајот
Во согласност со принципите на транспарентност и прецизност, Македонската независна комисија за мониторинг на ЕУ ги објавува трошоците направени при подготовката на годишниот извештај:
0,75 литри домашно вино, во шише од кавадаречко шардоне;
1 пакување Kit-Kat со цел избегнување на качувањето на тастатура од експертот Биби;
0.46 KWh електрична енергија на евтина тарифа, потребни за пребарувања и преглед на логичката конзистентност на извештајот.
Додаток 2: Среќна нова година
Искрено ви посакувам среќна Нова Година. Следната колумна ќе биде некаде по зимската олимпијада.