НАЈДОБРИТЕ ОД ФАКУЛТЕТОТ ДИРЕКТНО ВО МВР Безбедносниот систем ќе ја гради иднината со млади кадри

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави директно вклучување на најдобрите студенти во институцијата и инвестиции во човечки капацитети.

152

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска го посети Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, каде што се сретна со студентите и професорите и присуствуваше на свечената промоција на дипломираните и магистрираните студенти.

Средбата, како што информираше Тошковски, била искористена за отворен разговор за иднината на безбедносниот систем во државата, улогата на младите кадри и реформите што ги спроведува Министерството за внатрешни работи. Со студентите се дискутирало за ефектите од системот „Безбеден град“, дигитализацијата на услугите, враќањето на средното полициско училиште, како и за инвестициите во човечки и технички капацитети во полицијата.






Министерот порача дека дипломираните и магистрираните студенти од Факултетот за безбедност претставуваат значаен потенцијал за државата и идни столбови на безбедноста, редот и правдата.

Тошковски најави и конкретен чекор со кој МВР ќе им овозможи на најдобрите студенти директно да се вклучат во институцијата, без долги и комплицирани процедури, и своето знаење да го стават во служба на граѓаните.

– Македонија има потреба од нивното знаење, енергија и посветеност. Со одговорност, стручно знаење и европски вредности, заедно можеме да изградиме силни и функционални институции – истакна министерот Тошковски.

Поврзани содржини