УКРАИНСКАТА ВОЈСКА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД СЕВЕРСК, АМА ГО ДРЖИ ГРАДОТ НА НИШАН Целта е да се сочуваат животите на војниците
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека целта на повлекувањето е да се сочуваат животите на војниците и борбената способност на единиците, како и дека е прекината логистиката на руската војска во градот.
За да ги зачуваат животите и борбената способност на единиците, украинските бранители се повлекоа од населбата Северск, во регионот Донецк, но сè уште го држат градот под контрола, објави денеска Генералштабот на вооружените сили на Украина.
„Тешките борби продолжуваат во областа Северск. Руските окупатори имаат значителна предност во човечката сила и опремата и, и покрај значителните загуби, продолжуваат со активните офанзивни операции“, соопшти Генералштабот на Фејсбук.
Украинските одбранбени сили го исцрпија непријателот за време на битките за Северск, секој метар од градот му беше даден на непријателот по висока цена, се додава во соопштението.
„Руските сили беа во можност да напредуваат благодарение на значителната бројна предност и постојаниот притисок од мали напаѓачки групи во тешки временски услови. Градот останува под огнена контрола на украинските трупи. Окупаторите во градот се поразени, нивната логистика е прекината. Непријателските единици се блокирани, за да се спречи нивното понатамошно напредување, соопшти Генералштабот на украинските вооружени сили.
Северск се наоѓа југозападно од шумскиот појас Серебрјанск, каде што се водат интензивни борби од 2022 година.
Градот е клучен за украинските вооружени сили, бидејќи неговото освојување им овозможува на руските трупи да напредуваат од североисток кон агломерацијата Славјанск-Краматорск.
Овој воен успех го олеснува рускиот пробив во областа Костјантинивка, која, заедно со Дружковка, Краматорск и Славјанск, ја формира најважната линија на одбрана за украинските сили во регионот Донецк.