АСАНЖ ПОДНЕСЕ КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ НОБЕЛОВИОТ КОМИТЕТ Бара да не ѝ се исплаќа наградата на добитничката Мачадо
Во пријавата Асанж се повикува на тестаментот на Алфред Нобел, а обвинува 30 лица за груба злоупотреба на средства, олеснување на воени злосторства и злосторства против човештвото, како и финансирање агресија. Како докази нуди изјави на Мачадо во кои повикува на војна.
Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, поднел кривична пријава против Нобеловиот комитет, со која бара да се запре исплатата на паричната награда на добитничката на Нобеловата награда за мир и лидерка на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо.
Асанж тврди дека јавната поддршка на Мачадо за воените дејствија на американскиот претседател Доналд Трамп кон Венецуела е спротивна на основните принципи на Нобеловата награда за мир.
Во соопштение објавено од Викиликс на платформата Икс, се наведува дека Асанж се обидува да спречи Нобеловата фондација да исплати повеќе од еден милион американски долари, сума што Мачадо треба да ја добие како дел од наградата.
Во пријавата се повикува на тестаментот на Алфред Нобел, во кој стои дека Нобеловата награда за мир може да им се додели само на лица кои „донеле најголема корист за човештвото“, преку „најголем или најдобар придонес за братство меѓу народите, за укинување или намалување на постојаните армии и за одржување и унапредување на мировни конгреси“.
„Асанж денеска поднесе кривична пријава во Шведска против 30 лица поврзани со Нобеловата фондација, вклучително и нејзиното раководство, поради сомнение за тешки кривични дела, меѓу кои груба злоупотреба на средства, олеснување на воени злосторства и злосторства против човештвото, како и финансирање на злосторството агресија“, се вели во соопштението на Викиликс.
Во него се наведува дека Фондацијата, со доделувањето на наградата на Мачадо, „го претворила инструментот на мирот во инструмент на војната“.

Меѓу лицата наведени во пријавата се претседателката на Нобеловата фондација, Астрид Содерберг Видинг, како и главната извршна директорка Хана Старне.
Асанж смета дека Мачадо е „категорично неподобна“ за Нобеловата награда за мир и ја обвинува дека охрабрувала, како што тврди, најголемо американско воено зајакнување од времето на војната во Ирак.
Како доказ, Асанж се повикува на нејзините изјави дадени во телевизиско интервју, за кои вели дека не ги исполнуваат критериумите за наградата. Во неделното гостување во емисијата „Фејс д нејшн“ на Си-би-ес њуз, Мачадо јавно ги поддржа тврдите политики на американскиот претседател Доналд Трамп кон Венецуела, вклучително и заострување на санкциите и заплена на нафтени танкери.
– Погледнете, јас целосно ја поддржувам стратегијата на претседателот Трамп и ние, венецуелскиот народ, сме му исклучително благодарни нему и на неговата администрација, бидејќи верувам дека тој е шампион на слободата на оваа хемисфера – изјави таа во интервјуто.
Асанж тврди дека Мачадо во повеќе наврати ја повикувала американската влада да заземе сè поагресивен став кон Венецуела.
Со пријавата се оспорува и исплатата на наградниот фонд од 11 милиони шведски круни, односно околу 1,18 милиони американски долари (приближно 1,79 милиони австралиски долари), со образложение дека ослободувањето на средствата би претставувало тешка злоупотреба.
Се предупредува на „реален ризик“ парите да бидат пренасочени на начин што индиректно би можел да финансира „воени злосторства“, со што потенцијално би се прекршиле обврските на Шведска според Римскиот статут на Меѓународниот кривичен суд.
Асанж бара од шведските власти да го замрзнат трансферот на паричната награда, да се побара враќање на Нобеловиот медал и да се отвори истрага против Фондацијата.
Мачадо во моментов се наоѓа во Норвешка. Таа пристигнала на 11 декември, откако доцнењата во патувањето ја спречиле да присуствува на церемонијата на доделување на наградата, но подоцна учествувала на официјални настани во Осло, заедно со членови на семејството и други претставници на венецуелската опозиција.
JULIAN ASSANGE FILES CRIMINAL COMPLAINT AGAINST NOBEL FOUNDATION OVER “INSTRUMENT OF WAR” PEACE PRIZE
WikiLeaks Founder Alleges 2025 Award to María Corina Machado Constitutes Misappropriation, Facilitation of War Crimes Under Swedish Law, Seeks Freeze of 11 million SEK ($1.18… pic.twitter.com/OAH4mmvsph
— WikiLeaks (@wikileaks) December 17, 2025