СО ПАРИТЕ ОД ЧЕЛЗИ ЌЕ ЈА ФИНАНСИРААТ УКРАИНА Стармер ги одмрзнува средствата на Абрамович

2,5 милијарди фунти од продажбата на Челзи конечно ќе одат за помош на Украина.

379

Британската влада ќе ги пренасочи 2,5 милијарди фунти од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи во хуманитарен фонд за Украина, соопшти премиерот Кир Стармер, испраќајќи директна порака до рускиот милијардер Роман Абрамович дека „времето истекува“.

Парите, кои беа замрзнати уште во 2022-рара година поради санкциите воведени по руската инвазија на Украина, конечно добија зелено светло за трансфер. Стармер најави дека Владата е подготвена и на судска постапка доколку Абрамович одбие да ги исполни обврските.






– Можам да објавам дека одобруваме трансфер на 2,5 милијарди фунти од продажбата на фудбалскиот клуб Челзи. Мојата порака до Абрамович е јасна: времето истекува, почитувајте ги обврските и платете сега – порача Стармер од говорницата во Долниот дом.

Британскиот премиер додаде дека Владата нема да се двоуми да преземе правни чекори доколку Абрамович продолжи да го блокира користењето на средствата.

– Подготвени сме да одиме на суд ако е потребно – нагласи Стармер.

Абрамович, поранешен гувернер на рускиот автономен регион Чукотка, беше принуден да го продаде Челзи во 2022 година, откако Велика Британија воведе санкции против него поради врските со Кремљ. Продажбата беше одобрена под строги услови – средствата да се користат исклучиво за помош на жртвите од војната во Украина.

Иако клубот беше продаден уште пред три години, средствата останаа замрзнати на сметка во британска банка, под контрола на компанијата „Фордстам“, поврзана со Абрамович. Причината беше несогласувањето околу тоа дали парите треба да се користат само за Украина или и за други хуманитарни цели.

Со последната одлука на британската влада, дилемите се расчистени, целата сума ќе оди во фонд за помош на Украина, а притисокот врз Абрамович е зголемен до максимум.

Поврзани содржини