ГОДИНА ПО ПАДОТ НА АСАД Сирија слави, но земјата останува длабоко поделена и нестабилна

Сирија ја одбележува годишнината од падот на Асад, додека новата власт се соочува со секташко насилство, економски предизвици и масовни хуманитарни потреби.

36

Сирија денес ја одбележува првата годишнина од соборувањето на Башар ал-Асад, во момент кога земјата и понатаму се соочува со длабока нестабилност, секташки тензии и огромни потреби од обнова по повеќе од една деценија војна.

Централната прослава е закажана на плоштадот Омејад во Дамаск, каде приврзаниците на новата власт се собираат веќе неколку дена, а се најавени и воени паради во главниот град и другите региони.






Асад ја напушти Сирија и избега во Русија пред една година, откако бунтовничките сили предводени од денешниот претседател Ахмед ал-Шара го презедоа Дамаск и ставија крај на неговото повеќедецениско владеење.

Шара, кој утрово положи молитва во џамијата Омејад, повторно се појави во воена облека налик на онаа што ја носеше за време на бунтовничката офанзива предводена од неговата исламистичка група Хајат Тахрир ал-Шам. Тој вети дека ќе изгради „праведна и силна Сирија“ во која ќе се обнови државата од темел.

„Од север до југ и од исток до запад, ако даде Господ, повторно ќе изградиме силна Сирија со структура што ќе ја одразува нашата сегашност и минато,“ изјави Шара, пренесува државната агенција САНА.

Од доаѓањето на власт, Шара воведе радикални промени во надворешната политика. Тој воспостави односи со САД, доби поддршка од Турција и од земјите од Персискиот Залив, и значително се дистанцираше од поранешните сојузници на Асад – Русија и Иран. Западните санкции врз земјата во голема мера се укинати.

Но паралелно со тоа, секташкото насилство продолжува. Стотици лица се убиени во инциденти што го зголемуваат стравот меѓу малцинствата, особено Курдите и Друзите, кои сè повеќе ја преиспитуваат централната власт во Дамаск.

Курдската администрација на североистокот забрани прослави и собирања поради, како што наведува, „зголемена активност на терористички ќелии“ што можат да ја искористат годишнината. Друзите во јужната провинција Свеида, каде во јули загинаа стотици луѓе во судири со владините сили, сè погласно бараат независност.

Претседателот Шара на форум во Катар изјави дека „Сирија денес живее во свои најдобри времиња“, и покрај ескалацијата на насилството, и најави дека четиригодишниот транзициски период ќе послужи за создавање нови институции, закони и устав. Според планот, граѓаните ќе гласаат за новиот устав, по што ќе бидат распишани избори.

Властите веќе спроведоа индиректни избори за нов парламент во октомври, но Шара допрва треба да назначи една третина од предвидените 210 пратеници, согласно привремениот устав усвоен во март.

Сирија излегува од конфликт кој започна во 2011 година и во кој загинаа стотици илјади луѓе, а повеќе од пет милиони избегаа во соседните земји. Семејството Асад, кое припаѓа на малцинските Алавити, владееше со земјата 54 години.

Според Агенцијата за бегалци на ОН, околу 1,2 милиони бегалци се вратиле по падот на Асад, како и 1,9 милиони внатрешно раселени лица. Сепак, ОН предупредува дека намалувањето на хуманитарната помош може да го забави процесот на враќање.

Гувернерот на сириската централна банка изјави на конференцијата „NEXT“ дека враќањето на 1,5 милиони бегалци придонесува за постепено економско закрепнување.

Канцеларијата на ОН за хуманитарни прашања (ОЦХА) предупредува дека потребите сè уште се огромни – околу 16,5 милиони луѓе имаат потреба од итна помош.

Поврзани содржини