НЕМА ВЛЕЗ НИ ИЗЛЕЗ, ЕВЗОНИ ЦЕЛОСНО ЗАТВОРЕН ПОРАДИ ПРОТЕСТИ Трактори ја пресекоа врската меѓу Македонија и Грција

Земјоделските протести во Грција го отсекоа сообраќајот меѓу Македонија и Грција, додека блокадите се шират на повеќе автопатишта и гранични премини.

711

Земјоделските протести во соседна Грција денеска ја парализираа границата меѓу Македонија и Грција, откако трактори и земјоделска механизација го затворија преминот Евзони и делови од автопатот Солун–Атина.

Според „Катимерини“, земјоделците ширум земјата го прошируваат притисокот врз властите, блокирајќи автопатишта, локални патишта и меѓународни транспортни коридори. Евзони и Промахонас се меѓу најсериозно погодените точки, каде демонстрантите веќе размислуваат да воведат уште построги ограничувања за товарен сообраќај.






Најголемиот сообраќаен хаос и понатаму е во поплавената Тесалија, каде националните автопатишта Атина–Солун и Е65 речиси целосно се затворени. Затегната атмосфера имаше и во Кијато, каде полицијата употреби солзавец откако земјоделците се обидоа да ја блокираат делницата „Олимпија Одос“.

Во регионот Централна Македонија, протестите продолжуваат без прекин. Земјоделците од 1 декември ги држат затворени јужните ленти на автопатот Солун–Атина кај Малгара, а повремено го прекинуваат и сообраќајот кон север. Нови колони трактори се собираат во Верија, Халкидоно, Пела и Флорина, каде се подготвуваат маршеви кон граничните премини.

Еден од најмасовните протестни кампови останува оној во Никеа кај Лариса, каде стотици трактори веќе неколку дена ја држат блокадата. Земјоделците најавуваат дека ќе ја засилат акцијата следната недела, со нови митинзи и дополнителни затворања на патишта.

Во западна Грција се проширија нови блокади на автопатот Патра–Пиргос, а демонстрациите, според најавите, ќе продолжат да растат.

Земјоделците бараат исплата на заостанатите субвенции и обештетувања, пониски производствени трошоци и итна поддршка за сточарите погодени од последната појава на сипаници кај добитокот, која ги десеткуваше стадата овци и кози.

Поврзани содржини