ФИЛМАЏИИТЕ РЕАГИРААТ НА НАОДИТЕ НА ДРЖАВНАТА РЕВИЗИЈА Не нашла злоупотреби, ама го напаѓа начинот на работа на Друштвото на филмски работници 

Филмаџиите велат дека ревизорот го надминал својот мандат и се обидува да ја оспори проценката на стручните тела на Агенцијата за филм, конкретно уметничкиот совет, во кој членуваат признати професионалци и авторитети од културата

184

Друштвото на филмски работници на Македонија реагира по најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, во кој повторно се отвораат дилеми околу финансирањето на нивните активности. Од таму потсетуваат дека ревизијата за 2023 година веќе утврдила дека нема злоупотреби на парите што Агенцијата за филм ги доделила, но дека постоела формална забелешка – дека процедурата тогаш не била поддржана со правилник. Агеницијата потоа изготвила нов правилник и објавила јавен повик за поддршка на проектите.

И покрај тоа што овие забелешки биле исполнети, ДЗР и во 2025 година повторно спровел ревизија и, според Друштвото, влегол во сфера која не му е надлежност. Во извештајот стои дека доделените средства – нешто над 2,8 милиони денари – биле користени за хонорари, правни и сметководствени услуги, одржување на веб-страница, закуп на простор, патувања и членарини. Ревизорите сметаат дека вакви трошоци не се во склад со Законот за филмска дејност, кој предвидува соработка со здруженијата, но не и финансирање на нивното секојдневно функционирање.






Филмаџиите, пак, велат дека ревизорот го надминал својот мандат и се обидува да ја оспори проценката на стручните тела на Агенцијата за филм, конкретно уметничкиот совет, во кој членуваат признати професионалци и авторитети од културата. Според нив, токму тие се компетентни да оценат што значи развој на кинематографијата, а не институција чија работа е само финансиска контрола.

Од Друштвото потсетуваат дека постојат повеќе од 75 години, дека се темелна институција во македонската култура и дека заедно со писателите и ликовните уметници се носители на традицијата и развојот на уметноста. Тие истакнуваат дека вакви модели на соработка меѓу агенции и здруженија се вообичаени во европските филмски индустрии и дека токму така функционира филмскиот сектор насекаде.

Во својата реакција додаваат дека ДЗР очигледно не ја разбира природата на граѓанските организации, но и дека не мора да ја разбира, бидејќи тоа не е во негов опсег. Наместо, како што велат, да се пишуваат извештаи со „непотребни и тенденциозни“ делови, ревизорот треба да се насочи кон реалните проблеми во културата и филмот, за кои постојат докази и за кои веќе постапуваат институциите што се надлежни за финансиски криминал.

Поврзани содржини